петок, 18 октомври 2024

Антиќ: Не ме интересира убавината на Венецуелките

Објавено на

часот

Сподели

Ова се зборови на капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ, објавени во интервјуто дадено за српскиот интернет-портал „Моцарт спорт“, во кое тој зборува за ланското ЕП во Литванија, за пречекот во Скопје по големиот успех, за престојот во Олимпијакос, но и за периодот минат во белградска Црвена звезда.

За случувањата во Литванија, но и по враќањето во Скопје, Антиќ потенцира.

Критиките од квазинавивачите им беа дополнителен мотив на Антиќ и соиграчите во Литванија

„Минатото лето беше неверојатно, веројатно најлудо во мојата досегашна кариера. По поразот од Црна Гора, која потоа никого друг не победи, веднаш тргнаа критиките и плукањата од квазинавивачите. Едноставно, проработе типичниот балкански менталитет. Така добивме дополнителен мотив да се докажеме, да покажеме дека можеме секого да победиме. Дури пред средбата со Шпанија, големиот Пау Гасол ги знаеше сите имиња на македонските репрезентативци, што доволно зборува колку беа уплашени од нас. Имавме добра атмосфера, покажавме дека хемијата може да биде позначаен елемент од парите на големите ѕвезди“.

Феноменалната атмосфера, според Антиќ, е главна причина за големиот успех на Македонија на минатото ЕП.

Гасол бил приморан да го научи името на Антиќ и на неговите соборци

„Сите бевме како еден и ни беше многу забавно. Во тимот немавме самобендисани ѕвезди, сите бевме исти. Бо Мекејлеб рече дека во иднина сака секое лето прв да доаѓа на подготовките на репрезентацијата на Македонија, а тоа го нема во ниту една друга репрезентација. Станува збор за извонреден кошаркар, а на крајот дури и ни се заблагодаруваше што го почитуваме. Тој од држава што не му е матична е прогласен за спортист на годината, тоа воопшто не е мала работа. Сега имаме нова цел, преку квалификациите во Венецуела сакаме да се пласираме на Олимписките игри во Лондон.“

Антиќ немал проблем да се аклиматизира во Олимпијакос, со оглед на тоа што однапред познавал поголем дел од играчите таму.

Ивковиќ има посебен систем на работа

„Во Олимпијакос дојдов најмногу поради тренерот Душан Ивковиќ, но и за да играм во Евролигата. Лесно се приспособив во новата средина. Дуда е навистина строг. Кај него постои систем на кој едноставно мора да се приспособиш. Не е важно кој колку поени постигнал и кој колкава минутажа имал. Важна е само победата. Инаку, уживам во грчката клима, која многу повеќе ми одговара од руската. По тригодишно смрзнување сега уживам гледајќи ги луѓето како се капат од терасата на мојот дом. Тоа е непроценливо.“

Но колку и да е Атина привлечен град, кој живее 24 часа, за Антиќ тоа е неважен фактор.

„Не излегуваме никаде навечер, едноставно ние сме професионалци. Строго прошетка, кафе-пауза, иако јас и не го пијам, туку му правам друштво на Марко Кешељ, со кого сум некако најблизок во клубот. Единствено се случува по некоја победа да имаме слободна вечер, па да отидеме на бузуки. Е таму се случува лудница.“

Во разговорот со српскиот портал, Антиќ ја потенцира и големата љубов кон белградска Ц. звезда, тимот каде што настапуваше извесен период.

Вљубен во црвено-белата боја: Перо Антиќ (во позадина)

„Имам 11 или 12 тетоважи во моментов, а во најскоро време планирам да направам уште една, да го истетовирам грбот на Ц. звезда. Знаете колку го сакам овој клуб, едноставно, еднаш Циган секогаш Циган (популарен назив за навивачите на овој клуб-н.з.). Дури и своето деби во сениорска конкуренција се случи против црвено-белите, тогаш имав 16 години и играв за Работнички. Тренерот ме уфрли во последните три минути, а јас едноставно не знаев каде трчам. Откога знам за себе, реагирам секогаш кога ќе го чујам зборот Звезда, тоа е посилно од мене. Па забележете, освен АЕК, сите мои досегашни екипи, Лукоил, Локомотив Ростов, Спартак СП, и сега Олимпијаско, биле црвено-бели.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ