На средбата во ЦУК, присуствувале сите поканети претставници од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи. Присутни биле и вработени во Центарот – државниот советник Драги Тарчуговски и колеги од Секторот за операции и координација на ЦУК, кои, се појаснува во соопштението, непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.
Се разгледувале материјали од досегашните активности и инспекциски наоди и се донеле неколку заклучоци.
„Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар, да започне со изградба на ограден – потпорен ѕид како привремено решение. Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР – Скопје, со што би се редуцирало движењето на тешки товарни возила. Град Скопје ќе пристапи кон пресадување на дрвјата на трасата на улицата Белградска, истовремено, при активностите за изградбата на потпорниот – ограден ѕид од страна на Министерството за здравство. ЦУК да побара извештај од Министерството за животна средина и просторно планирање – водостопански инспектор за намената и состојбата на руиниран канал, каналски систем, на улицата. За трајно, долгорочно решавање на проблемот, Град Скопје е потребно, во координација со останатите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на што би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање“, појаснуваат попладнево од ЦУК.