среда, 23 октомври 2024

Андоновски: Нема борба против корупцијата сѐ додека 90 отсто од институциите податоците ги чуваат на хартија

Не можеме да зборуваме за вештачка интелигенција, за алатки за подобрување на транспарентноста, откривање потенцијални случаи на корупција, доколку над 90 проценти од институциите своите податоци ги чуваат на хартија или ги разменуваат меѓу себе на традиционален начин и не се поврзани меѓу себе во една дигитална околина, рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во воведното излагање на третата сесија на Работната група 6 –  Антикорупција, што денеска ја одржува Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК).

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Клучно за дигиталната трансформација, нагласи Андоновски, е институциите да комуницираат меѓу себе преку националната платформа за интероперабилност (платформа за електронска размена на податоци меѓу институции и за комуникација на институции со приватен сектор и граѓани) која, рече тој, иако е воведена во 2015 година, денес ја користат само 50 институции. Тоа, според Андоновски, е стагнација, но и полоши резултати од пред една деценија, затоа што, како што рече, стагнацијата во оваа сфера значи регрес.

„Не можеме да зборуваме за вештачка интелигенција, за алатки за подобрување на транспарентноста, откривање потенцијални случаи на корупција, доколку над 90 проценти од институциите своите податоци ги чуваат на хартија или ги разменуваат меѓу себе на традиционален начин и не се поврзани меѓу себе во една дигитална околина… Системот постои, го има, но институциите не го употребуваат. Ова е основата за сите идни чекори, затоа што не можеме да зборуваме за поврзаност ако институциите не сакаат да разменуваат податоци преку националната платформа за интероперабилност“, истакна Андоновски.

Подвлече дека транспарентноста, борбата со корупцијата и дигитализацијата се приоритети коишто се меѓусебно зависни и затоа во наредниот период, рече, „мора да работиме на поврзување на Единствениот систем на јавни набавки со Регистарот на вработени во јавниот сектор, Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи, Катастарот, Централниот регистар, Регистарот на население и сите други неопходни системи“.

„Идејата е овој единствен систем автоматски да идентификува, пријавува и објавува и судир на интереси и ризици од корупција особено при јавните набавки, посочи министерот за дигитална трансформација“, рече Андоновски.

Апелираше и да се искористат огромните можности кои за граѓаните и за компаниите ги нуди владиниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk.

Наместо секоја институција да има свој портал, како УЈП, Фонд за здравство, Централен регистар… или секоја општина, овој еден портал, рече Андоновски, „треба да биде унификатор на услугите на Владата/државата кон секој граѓанин“ односно „еден вид единствен унифициран едношалтерски систем,“.

На меѓународните партнери Андоновски им порача дека иако имаат добри намери со донирањето дигитални алатки во нашите институции, тие се прават засебно и проектно и тие алатки, рече, една со друга не може да комуницираат.

„Еден од нашите први напори е да ја унифицираме поддршката од нашите меѓународни партнери и таа да се одвива врз основа на барањата кои, пак, потоа од нас ги има Европската Унија“, додаде министерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ