недела, 27 октомври 2024

Американски стратегиски бомбардери Б-52 за прв пат во Романија

Воздухопловните сили на САД распоредија два стратегиски бомбардери Б-52Х во воздухопловната база Михаил Когалничеану во Романија, што претставува прв пат бомбардери со долг дострел способни да носат нуклеарно оружје да бидат распоредени во тој дел од Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што објави порталот „Балканска безбедносна мрежа“, бомбардерите Б-52Х ќе дејствуваат како 20-та експедициска бомбардерска ескадрила, заедно со сојузниците од другите земји на НАТО, а официјална причина за распоредување на стратегиските бомбардери е поддршката за сојузниците и зајакнувањето на безбедноста во регионот.

Тие долетаа во Романија од континенталниот дел на САД, летајќи над Арктички Океан и Баренцово Море во близина на територијата на Русија.

Како што соопшти Европската команда на американската армија, бомбардерите биле пресретнати од руски борбени авиони за време на летот.

Според американскиот весник Старс енд страјпс, Русија подигнала два борбени авиони за да ги придружуваат американските стратегиски бомбардери, кои се приближиле до руските граници преку Баренцово Море, додека руската армија на својот официјален канал Телеграм објави дека се кренати ловци МиГ-29 и МиГ-31.

Американските авиони поради пресретнувањето не го промениле правецот и продолжиле според планираниот лет без инциденти, а неколку часа подоцна слетале во воздухопловната база „Михаил Когалничеану“ во придружба на ловци Ф/А-18 на финската авијација и Ф-16 на романските воздухопловни сили.

Стратегискиот бомбардер Б-52Х датира од почетокот на Студената војна во 1950-тите. Последниот примерок на Б-52Х беше произведена во 1962 година, но помина низ неколку процеси на модернизација.

Максималната висина на летот му е 15.166 метри, а досегот без полнење гориво во летот е околу 14.000 километри. Може да носи 31,5 тони боеви глави како што се наведувани и неводени конвенционални бомби, наведувани нуклеарни бомби и крстосувачки ракети.

Се користеше во Виетнамската војна, во Ирак во 1991 година и во 21 век во Ирак и Авганистан. Единствената борбена употреба во Европа беше за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година, кога Б-52Х извршија повеќе тепих-бомбардирања на позициите на Војската на Југославија на падините на планината Паштрик за време на операцијата Стрела.

Армијата на САД има 58 стратегиски бомбардери Б-52Х, од кои 46 се способни да носат нуклеарно оружје, а уште 18 авиони се во резерва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ