четврток, 24 октомври 2024

Американски и кинески бомбардери за првпат заедно во близина на Алјаска

Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД) пресретнала вчера два руски и два кинески бомбардери кои летале во близина на Алјаска. Американски воен функционер изјавил дека ова е првпат двете сили да дејствуваат заедно. Бомбардерите останале во меѓународниот воздушен простор во Идентификациската зона на противвоздушната одбрана на Алјаска и не биле сметани за закана, се наведува во соопштението на НОРАД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

САД и Канада, кои заедно го сочинуваат НОРАД, пресретнале руски Ту-95 и кинески бомбардери Х-6. Авионите не навлегле во суверениот воздушен простор на Соединетите Американски Држави или Канада. Ова е исто така прв пат бомбардерите Х-6, кои се деривати на стари советски бомбардери, да влезат во идентификациската зона на Алјаска.

Според американскиот воен функционер, пресретнувањето го извршиле американски борбени авиони Ф-16 и Ф-35 и канадски борбени авиони ЦФ-18. Во пресретнувањето учествувале и авиони за поддршка.

Руските летови во близина на Алјаска не се невообичаени. Русија во април испрати четири авиони во близина на Алјаска, за што НОРАД соопшти дека редовно се случува.

Меѓутоа, присуството на кинеските авиони е сосема ново. Во март командантот на американската Северна команда, генералот Грегори Гијо, кажа дека Кина напредува посеверно кон Арктикот и дека очекува во таа област наскоро да се појават кинески авиони.

„Гледам спремност и желба на Кинезите да дејствуваат таму горе“, кажа Гијо пред сенатскиот одбор за оружените сили. „Ги видовме во морето. Ги видовме како дејствуваат под маска на технички или научни истражувања, но мислиме дека станува збор за мисија во која е вклучена војската. Очекувам да видиме воздушна активност околу Алјаска уште оваа година, и поради тоа сум многу загрижен“, кажа Гијо.

Кина се смета себеси за држава која се наоѓа „блиску до Арктикот“ и работи на проширување на присуството на крајниот север, што вклучува соработка со Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ