Во својот говор пред присутните на прославата во Амбасадата на САД, Агелер изјави дека ѝ е чест да ги претставува САД во земјава и говореше за промените со кои се соочува светот, изборите што годинава се одржуваат во над 90 држави, за демократијата и потребата од нејзина заштита.
Осврнувајќи се на демократијата и нејзиното значење, амбасадорката ја цитираше добитничката на Нобеловата награда за мир Марија Реса, која порача дека демократијата е кревка, дека треба да се бориме за секој нејзин дел, за секој закон, за секоја заштита, за секоја институција, за секоја сторија.
„Мора да знаете колку е опасно да го претрпите дури и најмалото ускратување. И денеска нејзините зборови имаат поголемо значење од кога и да е. Секаде околу нас гледаме свет кој се менува. Повеќе гласачи од кога било во историјата имаат право да гласаат во 2024 година во над 90 земји и во ЕУ, дури и во време кога војни и конфликти погодуваат милиони низ целиот свет. Сега се потсетив дека најсилните демократии не успеваат сами. Кога сме обединети сме посилни. САД се посилни и поблагородни затоа што имаме сојузници, пријатели и партнери како Северна Македонија“, рече Агелер во обраќањето пред присутните на церемонијата.
Агелер денеска преку платформата Х порача дека прославата била прекрасна.