сабота, 19 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Активисти

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

На граѓанинот Шљупков еднаш му донесоа супа. Во супата си пливаа лебарки. Таман да се побуни, кога од маслосаната дамка на кафанскиот чаршаф му се врекна еден активист за заштита на правата на лебарките:

– Аха! Лебаркофоб!

И Шљупков си ја исрка супата.

Потоа Шљупков отиде во супермаркет. Но бидејќи немаше пари, гледаше само да се разоноди и таман да излезе од супермаркетот, од неонското светло озгоре му се вдаде еден активист за заштита на слободниот пазар:

– Аха! Консумерофоб!

И Шљупков мораше да натовари цела количка сештурии. Но бидејќи немаше со што да плати, мораше да подигне кредит. На пат до банката му се з’гнаа кучиња, но уште не беше ни зел камен, од песјаците на една од џукелите му р’жна еден активист за заштита на животните:

– Аха! Кинофоб!

И Шљупков одвај влезе во банката искасан од кучиња.

Љут на банките, Шљупков ја намести устата за пцост. Но уште не беше произвел ниту еден глас, кога од пломбата на еден заб му се оџагари еден активист за заштита на слободното движење на капиталот:

– Аха! Капиталофоб! Комунист!

Изнемоштен од сѐ, Шљупков најпосле си отиде дома и го вклучи телевизорот. Имаше вести. Уште не посегнал да го смени каналот, а од ноздрите на мувата што седеше на далечинското му се пушти еден активист за заштита на државата:

– Аха! Политикофоб! Анархист!

Потоа Шљупков сакаше да си пушти голи женски. Уште не му проструила машкоста меѓу нозете, кога му се надигна активистот за заштита на жените:

– Аха! Сексист! Шовинист!

И како што Шљупков ги менуваше каналите, сенекој активист за ова или она ќе му се с’снеше:

– Аха! Мизогин! Ксенофоб! Хомофоб! Глобалофоб! Антисемит! Националист! …

Дури откако сите активисти заспаа, Шљупков успеа некако да го изгаси телевизорот.

*    *   *

Следниот ден, Шљупков отиде во МВР да си го смени идентитетот. Бидејќи активистите најчесто го нарекуваа со имиња што завршуваа на „фоб“ и „ист“, реши да се презива фоб Ист, а да се вика Мизо: „фоб Ист“ барем звучеше некако благороднички. Кога отиде да ја подигне личната карта со новиот идентитет, од одразот на шалтерското стакло прекорно му се оѕвери еден уморен, изобличен сурат:

– Аха! Шљупкофоб!

Ставајќи ја личната карта со новиот идентитет во џебот, Шљупков – кој веќе не беше Шљупков и го заокружуваше процесот на станување Мизо фоб Ист, го скрши шалтерското стакло. Неколку полицајци веднаш се стрчаа и го уапсија. Новата лична карта падна долу, незабележана.

Неколку години подоцна, затвореникот со број 170618, идентитет: неидентификуван, пол: неодреден, почина во затвор. Така барем Државата – политички и родово сосема коректно, ја заведе смртта на Шљупков кој веќе не беше Шљупков и кој никогаш не успеа да заживее како Мизо фоб Ист.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ