Градоначалникот Тимчо Муцунски истакна дека откако Советот ќе донесе одлука, Општина Аеродром ќе објави јавен повик за избор на стратешки партнер кој ќе има обврски преку јавно – приватно партнерство да го спроведе проектот. Тој нагласи дека трошоците за имплементација на „Смарт Аеродром“ во целост ќе ги сноси приватната компанија која ќе го имплементира проектот, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации, туку ќе оствари заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства.
„Проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и истиот е значаен исчекор напред за граѓаните и нашата општина, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење. Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред се ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење, а воедно е и проект кој се имплементира за првпат во Македонија, токму во Општината Аеродром“, изјави Муцунски и додаде дека со ова општината ќе стане првата високотехнолошка и паметна општина подготвена за иднината.