понеделник, 21 октомври 2024
Изјава на министерот за двојното убиство

Адвокатот е сѐ уште на распит во полициска станица, Палчо избегал со македонски пасош, рече Спасовски

Васко Стојков, адвокатот на првообвинетиот за двојното убиство Љупчо Палевски – Палчо, е сѐ  уште во полициска станица каде се врши распит за негова евентуална инволираност во случајот. Ова денеска го потврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Палевски патувал со македонски пасош.

Објавено на

часот

Сподели

„Адвокатот е задржан на распит којшто сѐ  уште трае во рамките на 24-часовното задржување и кога ќе заврши испрашувањето службите ќе одлучат што понатаму“, рече Спасовски во Охрид одговарајќи на  новинарски прашања по посетата на тамошиот Секретаријат за внатрешни работи.

Спасовски притоа потсети дека за сите прашања поврзани со двојното убиство треба да се поставуваат кон обвинителството кое води истрага. 

Во однос на возачот Стефан Димковски кој го превезуваше Палевски во Турција и кој беше приведен на влез во земјава на граничен премин кај Дојран, Спасовски рече дека ќе биде поднесена кривична пријава.

„Согласно она што го имаме потврдено, службите ме информираа дека ќе се поднесе кривична пријава“, изјави Спасовски.

На новинарско прашање, кога е убиена тинејџерката Вања, дали пред 10 или по 10 часот, односно во 12 часот, Спасовски рече дека тоа што беше кажано на прес-конференцијата на МВР и Јавното обвинителство во понеделникот, е базирано на искази од осомничените, а секако, рече, се проверуваат со материјални докази.

Најточниот одговор ќе го даде Судска медицина врз база на обдукцијата, рече Спасовски.

Со каков пасош патувал Палевски, министерот кусо рече: Со македонски.

Инаку, како што имаше изјавено адвокатот Васко Стојков, тој со својот автомобил марка шкода суперб го превезол Палевски до Белград, велејќи дека не знаел дека е баран од органите на прогонот. Палевски, како што изјави за медиумите, го замолил да го превезе до Белград зашто, како што му кажал, имал закажано лекарски преглед. Откако Стојков се вратил во Скопје и разбрал за што се бара Палевски, рече дека му испратил порака да се врати и пријави на надлежните органи заради расчистување на случајот. Што му одговорил Палевски, тој не кажа, само рече дека тоа што требало да го каже ѝ го кажал на полицијата тогаш.

Дали е веродостојно неговото објаснување и има ли нови моменти поврзани на оваа релација Скопје-Белград, проверува полицијата.

Вчера МКД.мк ја објави веста дека адвокатот попладнето е повикан на распит во полицијата, а потоа некои медиуми објавија дека е веќе приведен и дека ќе се одлучува за притвор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ