понеделник, 25 ноември 2024

АЦВ: Вјоса Османи неколку пати се обидела да влезе во авион без безбедносни проверки

Аеродромските служби надлежни за безбедносни проверки постапувале професионално и придржувајќи се до правилата кои се наметнати согласно имплементираната меѓународна регулативата, не дозволувајќи заобиколување на стандардите и процедурите дури и под притисок на лицата кои биле во придружба на патникот, се вели во соопштението на Агенцијата за цивилно воздухопловство во врска со случајот со косовската претседателка Вјоса Османи. Тим од инспектори од АЦВ, предводен од директорот Драги Стојаноски, изврши повторен увид во доказите и спроведе вонреден инспекциски надзор во ТАВ Македонија во врска со овој настан.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Одбивање на спроведување на стандардните безбедносни проверки со истите патници согласно евиденцијата се случиле и во 2022 и во 2023 година кога безбедносни проверки се прифатени дури откако водачот на воздухопловот одбил да ги прими патниците во воздухопловот без спроведена безбедносна проверка.
Доколку службениците во ТАВ Македонија постапиле различно од пропишаните правила и дозволиле пропусти и заобиколување на пропишаните процедури истите ќе се соочеле со сериозни санкции од Агенцијата за цивилно воздухопловство како тело надлежно за нивна регулација.

Со оглед на тоа што се работи за општо прифатени меѓународни стандарди, доколку кој било се сомнева во нивната веродостојност, препорачуваме истата пракса да ја примени на некој од европските меѓународни аеродроми како би можеле да се уверат во нивната примена“, велат од Агенцијата.

Од АЦВ истакнуваат дека како независно регулаторно тело би сакале да останат надвор од политичките превирања за овој немил настан и жалат што наместо професионална разрешница на овој настан од каде би се извлекле поуки и би се преземале соодветни мерки за нивно ублажување и избегнување во иднина, „сведоци сме на обиди за политичко поентирање и извртување на вистинската причина за неговото настанување“.

Во случајов, истакнуваат оттаму, извинување заслужуваат само аеродромските служби кои обидувајќи се доследно да ја извршуваат својата работа согласно прифатените меѓународни правила и практики, претрпеа непотребни притисоци закани и омаловажувања.

„Со оглед на тоа што ваквите настани не се случуваат првпат, ние како Агенција за цивилно воздухопловство ќе направиме се што е во наша моќ ова да биде последен пат. Случувањата кои следеле подоцна, а кои се надвор од безбедносната зона ги оставаме на разрешување на другите институции со оглед на тоа што истите излегуваат од надлежноста на Агенцијата за цивилно воздухопловство“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ