петок, 18 октомври 2024

2012, година на големите прогнози

Објавено на

часот

Сподели

 

Историјата на човечките мисли е и историја на опасни интуиции. Пророштвата, визиите и уметноста ги поврзуваат минатото и иднината, телото и политиката, езотеријата и филозофијата. Фредерик Диленглејд за 1969. го прорече почетокот на триесетгодишното пропаѓање на светот. Според него, светот конечно пропаѓа по 1999 година. Тоа беше поврзано со клучниот збор на Нострадамус „Саматобрин”, кој, според преводите, означува крај на светот. Со преместување на слоговите се добива зборот атом бри сан, еднаков на францускиот израз атомбрисан, што значи уништување со атом. Пермутациите од овој тип се нормални во крипто-текстовите. Факт е дека уште од 1960 година радиоактивноста на нашата планета е 35 пати поголема од нормалната.
Германскиот поет Емануел Гејбел во 1836. зборуваше за сериозни природни катастрофи што би се случиле во 1980. или 1985 година. Свештеникот Кирик во 1872 година за истиот тој период прорече некаква разорна војна, а потоа и космичка катастрофа. Катастрофа на светот поради некоја космичка сила предвиде и управителот на лабораторијата Ебро во Мадрид, господинот Понг, уште во 1985. Двајца американски астрономи, Џон Грибин и Стивен Плеџман, во 1974. објавија книга под наслов „Влијанието на Јупитер”, а во неа објаснуваат дека во 1982. девет планети од Сончевиот систем ќе се најдат на иста линија со Сонцето. Оваа необична појава се случува, велат, на секои 179 години и наводно предизвикува неверојатни катастрофи. Двајцата астрономи понатаму предвидуваа дека ќе дојде и до промена на вртењето на Земјата околу сопствената оска. Некои други прогнозери, истовремено, прогнозираа дури и дека Земјата ќе застане. Рака на срце, некои мерења покажаа дека таа навистина, полека, но сигурно, го забавува вртењето.

Крајот на светот секогаш се поврзувал со „магичните броеви” како што е и 21.12.2012

Предвидувањата на баварскиот монах од 17 век, познат како Црн Пајак, денес звучат како приказни. За 1980. тој прорече дека „тоа ќе биде година на големи нарушувања, голем пламен од оган ќе ги зафати сите земји и ќе го подготви Новото Небо”. Според пророштвата на монахот, искрата требаше да тргне од Кина и со првиот пламен да ја зафати Азија, па цела Европа. „И сѐ ќе се случи како молња!” На сцената на светските случувања ќе се појавел во 1997 година Антихрист. Тој се родил во 1967., а родителите му се Кинези. По професија ќе биде војник, ќе се вовлече во највисоките црковни кругови и негов главен ученик ќе биде некој кардинал. Неговото водство ќе биде кратко, до 2000 година, кога ќе биде разрушен Париз.
Многу веројатно, занесен со предвидувањата на баварскиот монах, големиот креатор Пако Рабан ги спакува своите куфери од Париз и го продаде целиот бизнис неколку години пред 2000-та., иако јавноста беше информирана дека самиот Рабан имал визии за „смрт на Париз”.

Пако Рабан знаеше да се извини и да се повлече од предвидувањата. Многумина други тоа не го направија

Како и да е, прогнозите не се исполнија, без разлика дали беа туѓи или лично негови. Но допадливо беше тоа што креаторот не остави да го изеде срамот, туку спокојно се извини за своите погрешни визии. Всушност, Пако Рабан беше и остана единствен од визионерите што си ја призна грешката во прогнозите. И се повлече од двете сцени, и од креаторската, и од езотеричната. За разлика од него, многумина ќе продолжат да си играат со датумите, правдајќи се или на погрешно преведените списи или на сопственото неправилно разбирање.

Меѓу потсмев и страв

Ваквите согледувања за иднината денес предизвикуваат потсмев. Но вистината е неспоредливо полоша. Навистина, наивно е тоа што сите пророци, кога зборуваат за 2000 година, спомнуваат оган, пепел и сончеви зраци, кои многу ќе се доближат до Земјата. И уште понаивно е што по 2000. истите прогнози се трансформираа само преку еден сврзник, така оправдувајќи ја својата тежина. Имено, наместо во 2000 година прогнозерите прорекоа од 2000 година. А тоа би можело да биде и во 2012 и во 2020, во 2121 или 2222 итн. Тајната е во бројките! Несомнено е дека добар дел од окултизмот се потхранува со нумерологијата.
Црниот Пајак буквално велеше „водата ќе се претвори во оган, а огнот ќе ја уништи земјата”. Некои негови предвидувања беа прифатени како реални. На пример, она за 1985 година кога ја предвиде „инвазијата на СССР”, која започна во 1987 со рушење на Берлинскиот ѕид. А за папскиот престол тврдеше дека „ќе биде пренесен преку океанот”, што многумина го видоа во влијанието на Америка врз изборот и политиката на папата Војтила. Уште поинтересни се неговите предвидувања за Третиот милениум. „Тоа ќе биде време насочено кон вселенските истражувања. Нема да постои национализам, зашто Земјата ќе им припаѓа на сите и нема да постојат граници. Златото ќе ја изгуби вредноста зашто вредност ќе има пченицата. Третиот милениум ќе биде период на наука.”
Што се однесува до границите, од оваа перспектива монахот бил во право. Што се однесува до национализмот, пак, мислењата се поделени. За вредноста на златото допрва ќе видиме бидејќи тоа сепак се поврзува со „фаталната” 2012 година. Или, можеби од 2012 година!?

Пат на Месечината

Ленин сите предвидувања ги собра во една реченица, „што полошо, тоа подобро”. Слично мислеа и дадаистите за време на Лениновиот престој во Цирих, а теоретичарите се обидоа да го поврзат Лениновиот егзил во Швајцарија со настанувањето на дада-движењето. Во 1910. Рудолф Штајнер објави дека второто Христово доаѓање ќе се случи во 20 век. Елена Рерих, пак, неколку пати го менува датумот на Христовото доаѓање. Прво, уверуваше дека до Судниот ден нема да стигнеме да остариме, а потоа „утеши” дека годината 1942 по најстарите списи се смета за крај на калијуг и за почеток на нов прекрасен циклус.
Николај Рерих пишуваше дека според тибетанските списи, ќе се појави некој многу голем човек, а Неговото доаѓање може да се очекува за 12 години. Односно во 1936 година. Неговата сопруга, пак Елена вака прецизираше: „сметај дека 1927. е прилично тешка, но дека 1930. е година на празници!” Вистина е дека со нетрпение се чекаа книгите на авторитативната писателка Рерих, но и дека со радост се чекаше фамозната 1930 година. Но таа година донесе нешто сосема друго. Светска економска криза. И не личеше баш празнично.

„Вирџин Галактик” го исполни тоа што одамна го предвидуваше Елена Рерих

И понатаму Елена Рерих нема да се повлече од своите пророчки напишани реченици, па во 1934 година конечно ќе заклучи дека „последната вселенска војна ќе настапи за неколку децении, но нашата доба нема тука да се заврши”. Дипломатска реченица, слична на оние со кои манипулираат политичарите. Од многу напишаното, сепак нешто и погоди. На пример, дека „Новиот свет ќе почне со патување кон Месечината”. Ни останува да ја провериме нејзината прогноза дека „по патувањата на Месечината ќе започне и живот на неа”.
Не верувам дека Ричард Бренсон бил опседнат од книгите на госпоѓата Рерих, но факт е дека „Вирџин Галактик” веќе отпатува кон Месечината. И факт е дека некои од светските ѕвезди почнаа да си купуваат плацови на неа.

Метаполитички пророштва

Дури и нацизмот имаше две расистички теории, првата се засноваше на пропаганда, а втората на езотерија. Пропагандната добро е позната, „Власт за Ариевците, пад на Евреите”. Постои мислење и дека севкупната пропаганда против Евреите всушност беше покритие за најголемиот грабеж во историјата на човештвото организиран на државно ниво. Германците им одзедоа сѐ на Евреите, од фабрики до комплетни библиотеки, кои најмногу ги збогатија фондовите на германските државни библиотеки. Потоа преминаа на грабеж на Европа, па во нивните фондови се најдоа и 5.000 црковни ѕвона симнати од европските цркви. Но паралелно со пропагандата, постоеше уште една друга масовна магија. Окултизмот. За нацистичкиот врв, Германците беа само материјал што се користеше за крајната цел, позначајна од националната хегемонија. Тоа беше доаѓањето на Натчовекот. Некои понови истражувања покажуваат дека есесовците имале свои храмови лоцирани во внатрешноста на Германија, каде што наводно ги вршеле своите ритуали. Германските теозофи активно ја користеле кабалата, а тоа покажува дека за нив спротивноста на христијанството и магијата била многу позначајна од спротивноста на Ариевецот и Евреинот. Накратко, јудејската мистика била прифатена во делата на нацистичките окултисти. Во 1989 е објавена книгата „Месијанско наследство”, а авторите во оваа книга ги цитираат зборовите на еден од сојузничките тужители на Нирнбершкото судење. Според неговите зборови, од документите од судскиот процес намерно биле исфрлени сведоштвата за ритуални и окултни аспекти на Третиот рајх.
„Бог, кој го создал светот од една крв, го создал секој народ да живее по целото земско лице”, проповедаше апостолот Павле. Осмата од десет догми на теозофијата, која ја објави мадам Блавацка, гласи „човечките раси се разликуваат меѓусебно по духовната надареност еднакво исто како што луѓето се разликуваат по бојата на кожата, висината или која било друга надворешна карактеристика”. Во книгата „Тајно учење” таа ги опишува Евреите како „вештачка раса”.

Рудолф Штајнер беше жртва на предвидувањата

Нејзиниот наследник, Рудолф Штајнер, основачот на антропозофијата, во 1915. пишуваше за себе како пророк на мисијата на германската раса. Штајнер беше близок со членовите на сектата „Златна зора”, најмоќната окултна група на 20 век. „Златна зора”, пак, проповедаше почеток на Нова доба, која ќе се потпира на неопаганство и магија. Од многумина Штајнер е сметан за единствен мајстор што вон групата достигнал највисоки степени на иницијација, позната само за неколку водачи на „Златна зора”. Тлото за „магијата” беше создадено. Но откога Хитлер тоа веќе го искористи за себе, започна жестока кампања против антропозофите. Штајнер на германското радио беше прогласен за државен непријател број еден, а неговиот храм изграден по принципите на виши хармонии беше спален до темел. Штајнеровата црква изградена во негова чест веднаш потоа го доби името Гетеанум, по Гете. Но, токму Штајнер беше најдобар познавач на делата на Гете. Гете, пак, како стар поклоник на Француската револуција, никогаш не сакаше да го признае значењето на Бетовен и со ужас ја опишуваше неговата музика. Ретко кој забележа дека Гете во неа не ја гледаше големината, туку залезот на германската култура, а неговите неколку сочувани мисли повеќе се однесуваат на претскажување нацизам отколку музика.
Повеќето окултисти, астролози и пророци завршија во концентрациони логори. Но останаа оние астролози што го предвидеа растот на Хитлер. Добро познато е дека Хајнрих Химлер не презел ништо без консултација со астролог.

Ера на Водолијата

Сите пророштва денес се поврзуваат со Ерата на Водолијата. Но никој точно не знае да каже кога почнува Ерата на Водолијата. Според некои почнала уште во 1980 година, попрецизно од 19.8.1980., кога се менува структурата на светот и почнуваат низа нагли промени. Според други, Ерата на Водолијата настапува меѓу 2000 и 2010 година, по трети Новиот поредок ќе започне во точката на пролетна рамнодневница, која ќе влезе во соѕвездието Водолија приближно околу 2200 година. Многумина пак тврдат дека Ерата на Водолијата започнува на 21.12.2012 година, поклопувајќи се со прогнозите на старите Маи. Погледнете ги датумите! Има некоја магија, сепак, во тие бројки.

Кој и како го толкува календарот на Маите?

И мислењата околу тоа што ќе се случува најпосле во таа Нова ера се сосема спротивставени. Добата на Водолијата според едни ќе биде во знак на хаос, нестабилност и човечки слабости што ќе доведат до Крај на светот, а според други, ќе биде подзнакот на слогата, разбирањето, и нематеријалното.
Со ваква сеопфатност на спротивностите, бездруго, едни прогнози и овојпат ќе паднат во вода, а други стопроцентно ќе се остварат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ