вторник, 22 октомври 2024
Железници Инфраструктура контра министерот за транспорт и врски

ЖРМ: Николоски или манипулира или не ја познава проблематиката

Јавното претпријатие Железници Инфраструктура во целост ги демантира изнесените наоди во текот на вчерашната прес конференција на Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и истите претставуваат манипулација на јавноста или непознавање на проблематиката, пишува во денешната реакција на ова претпријатие по вчерашната прес конференција на Николоски кој рече дека пругата кон Бугарија завршува во тунел кој нема крај.

Објавено на

часот

Сподели

Во демантот потпишан од директорот на Железници Инфраструктура, Зоран Трифуновски се вели дека во однос на „невистинитата спектакуларна констатација за цена по километар пруга“, од претпријатието појаснуваат дека наведениот износ за километар по пруга не е проценка, туку финансиска конструкција на проектот.

„Финансиската конструкција не се однесува само на цена по километар пруга, туку на пет компоненти од проектот и тоа, техничка помош, надзорен инженер, градежни работи, сигнализација и телекомуникации, како и електрификација на 9 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија. Проценетата вредност на проектот за изградба на новата железничка делница од Крива Паланка до границата Бугарија е изработена од страна на еминентни меѓународни консултантски компании ангажирани преку грантовски механизми поддржани од нашите меѓународни стратешки партнери, а не од ЈП ЖРСМ Инфраструктура. Финансиската конструкција утврдена од меѓународните консултанти за овој проект е составена од најголемиот МИВТЕ грант во историјата на нашата држава во износ од 155,5 милиони евра, РА грант од 60,765 милиони евра и заеми од ЕИБ и ЕБОР кои се донесени во Собранието од страна на 90 пратеници, без против и воздржани гласови“, пишува во демантот.

Дополнително, потенцираат од претпријатието, проектот ќе биде имплементиран од страна на ИПА оперативната структура во кое Министерство за финансии е договорен орган, Министерството за транспорт и врски е корисник, а Јавното претпријатие за железничка инфраструктура е краен корисник кој ги извршува навремено сите обврски кон дадениот проект само од технички аспект согласно Оперативниот договор.

Што се однесува до уривањето на 16 куќи и раселување на жителите на Крива Паланка, од Железници Инфраструктура потенцираат дека јавната расправа успешно е завршена, а соодветната документација е одобрена и достапна на веб-страната на претпријатието, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

„Јавното претпријатие работи врз основа на важечките закони и прописи, заедно со сите инволвирани државни институции, меѓународните кредитори и Делегацијата на Европската Унија во Скопје“, пишува во демантот на Железници Инфраструктура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ