недела, 14 јули 2024

Жителите на Ново Село протестираа против погонoт за алуминиум

Жителите и еколошките организации „Здрава котлина“ и „Еко долина“ од општините Ново Село, Босилово и Струмица денеска протестираат против отворање на погон за преработка на алуминиум. Жителите сметаат дека не е соодветно на само десетици метри од реката и на еден километар од првата куќа на селото.

Објавено на

часот

Сподели

Жителите се незадоволни од тоа дека и Општината Ново Село била потписник на издавањето на градежна дозвола за изградба на објект за леење на алуминум и производство на алуминиумски одливци. На предвидената локација, според урбанистичкиот план е дозволена лесна и незагадувачка индустрија, а според екологистите овој капацитет спаѓа во категоријата тешка и загадувачка индустрија.

Граѓаните побараа општината да ја објави техничката документација за капацитетот, но и да ја поништи градежната дозвола. Советите на овие три општини, заедно со Општина Василево, веќе донеле одлука за забрана на издавање дозволи на вакви загадувачки индустрии. На протестот беше побарано и да се одземаат ингеренциите на општината за издавање градежни дозволи, градоначалникот да даде оставка, но и државните ревизори да направат контрола.

„Решивме да ја стопираме изградба на тешка загадувачка индустрија, односно топилница на алуминиум, која се гради на 80 метри од единствената бушотина за снабдување со вода за Ново Село. Градежната дозвола за таа топилница е неправилно издадена, на земјиште со намена за лесна незагадувачка индустрија, во подножјето на село Смолари, зелениот бисер на Беласица“, велат од еколошката организација „Здрава котлина“.

Советникот на советничка група „Стига е“ Костадин Ристоманов вели дека граѓаните се незадоволни и заради тоа што, иако неколкупати побарале, не ја добиле на увид градежната дозвола за објектот, која според нив е побарана, издадена и добила правосилност во рок од само три дена од 4 до 6 октомври минатата година.

Екологистите веќе поднеле претставка до Министерството за животна средина, кое го одобрило елаборатот за заштита на животната средина, и бараат да се преиспита таа одлука.

„Обработката и топењето на отпаден алуминиум е исклучително опасен технолошки процес што вклучува дробење, топење на исклучително висока температура со користење на многу енергија, леење, испарување, брусење. Во овој процес се користи многу вода, за која се сомневаме дека ќе се зема од реката, а ќе се создаваат и отпадни води и згура, за кои немаме информација како ќе се третираат бидејќи немаме никаков увид во документацијата“, вели Ристоманов.

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека минатата година во септември е одобрен елаборат за заштита на животната средина на инвеститорот „Екоинженеринг НС“ од Струмица.

„За ваков тип на објект не се бара студија, за која е потребна и јавна расправа туку елаборат бидејќи согласно податоците доставени во известувањето за намера, проектот не претставува индустриско производство на алуминуим. Се работи за капацитет за леење на алуминум со чистота од 98-99 % без никакви додадени примеси и бои и производство на алуминиумски одливци од вкупно 4,8 тони на ден со печки кои работат на природен гас и се наоѓа на три километри оддалеченост од Ново Село“, велат од Министерството.

На протестот учествуваа и пратениците од Левица Сашко Јанчев и Реџеп Исмаил, заедно со активисти од локалните ограноци од овој регион.

„Отворањето на топилницата се спроведува на разбојнички начин! Се кријат документи, на објектот на градилиштето, спротивно на закон, не постои табла на која треба да стои кој е инвеститор, кој е изведувач и број на одобрение за градење, додека, пак, фирмите кои работат, од своите возила ги имаат извадено налепниците, за да не се знае кој ја прави изведбата.

Станува збор за изградба на објект класифициран како Г1 – тешка загадувачка индустрија, а на ова подрачје дозволено е да се градат објекти класифицирани како Г2 – Лесна незагадувачка индустрија. Поради тоа, издаденото одобрение за градба е противзаконско.

Помеѓу месното население се шпекулира дека еден од двајцата инвеститори е близок со ДУИ, а Kaja Шукова, како министерка за животна средина од СДС, ја одобрила градбата. Бившата министерка одобрила Елаборат за заштита на животна средина кој никој го нема видено и од Министерството навеле дека објектот нема значително да загадува, што е далеку од реалноста.

Бараме документите со овој објект да бидат јавно објавени и да се одговори на прашањата: Kога е издадена дозволата и од каков тип е истата?

Дали и кога имало јавна расправа за овие измени во урбанистичките планови?

Kој е инвеститор и кој го проектира и изведува објектот? Koја класа на индустрија е класифицирана за објектот“, прашуваат од Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ