недела, 14 јули 2024

Жител на Грчец ќе одговара за закани по живот упатени кон новинарка

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави обвинителен предлог против 31-годишен жител на селото Грчец за кривично дело загрозување на сигурноста затоа што преку социјлни мрежи ѝ се заканувал на новинарка за напишан текст.

Објавено на

часот

Сподели

Од Обвинителството појаснуваат дека обвинетиот по пат на информатички систем сериозно и се заканувал на една оштетена новинарка дека кон неа ќе изврши кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Заканите ги упатувал поради нејзиниот општествен статус како новинарка, а во врска со вршењето на нејзините професионални задачи кои ги презела во рамките на своите овластувања.

„Со намера да ја вознемири и исплаши, тој упатувал заканувачки пораки кон новинарката преку лажен профил на една социјална мрежа, барајќи од неа да избрише текст што го напишала и објавила, со што кај оштетената предизвикал чувство на загрозување, несигурност и страв. По издадени наредби на јавен обвинител, МВР го идентификуваше сторителот на кривичното дело, за кое согласно Кривичниот законик е запретена затворска казна од една до пет години“, информираше денеска Јавното обвинителство.

Оттаму потенцираат дека со ова обвинение, од вкупно пет регистрирани напади врз новинари и медиумски работници во текот на 2023 година за кои алармираше Здружението на новинари на Македонија, во три случаи сторителот е идентификуван и е поведена постапка.

„Од нив, во два предмети, врз основа на поднесените обвиненија, веќе е изречена и пресуда против сторителите на кривичното дело“, соопштија од Јавното обвинителство.

Поради законските прописи од Обвинителството не можат да го откријат името на нападната новинарка ниту на напаѓачот.

Но според регистерот на Здружението на новинари (ЗНМ) станува збор за новинарката Рита Бехадини. Нападот се случил во 2023 година.

На 24 јули 2023 година ЗНМ побара итна реакција за „експлицитните закани упатени кон новинарката Рита Бехадини на нејзината објава во врска со јавниот став од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа фејсбук“.

Бехадини тогаш беше мета на закани на социјалната мрежа фејсбук, но посебно беше издвоена една која беше оценета како еклпицитна закана.

„Во објавата од извесен профил именуван како Фински Хоџа тој ѝ се заканил со зборовите ‘aј избриши го постот што го напиша против оџата, семејството ќе ти го е****. Утре ќе дојдам пред Алсат, увото ќе ти го исечам со нож’. Укажуваме дека заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите“, реагираше тогаш ЗНМ.

За ваков тип на закани ЗНМ издаде Протокол за безбедност на новинарките на интернет  кој нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и воопшто на интернет, во заштита на новинарите и медиумските работници со посебен фокус на жените новинарки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ