вторник, 22 октомври 2024
Извештај на Државниот завод за ревизија

Жените од руралните средини не се дел од стратешките приоритети и цели на Владата

Државниот завод за ревизија правеше проверка за успешноста на тема “Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“ за да одговори на прашањето: ,,Дали преземените мерки и проекти од надлежните институции на централно ниво се ефикасни за вклучување на жените од руралните средини на пазарот на трудот, со цел ефективно учество во економскиот и социјалниот развој на руралните средини?”. Жените од руралните средини и нивното вклучување на пазарот на труд, не се дел од стратешките приоритети и цели на Владата, утврдија ревизорите.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизијата на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2023 година. Со ревизијата на успешност беа опфатени периодот од 2019 година заклучно со 2022 година, иако одредени области, прашања и настани се опфатени претходно и последователно до денот на известување за извршената ревизија.

Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, ревизорите стекнале уверување дека мерките и активностите за родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд кои се преземаат од страна на надлежните државни институции не се доволно ефикасни и ефективни со цел вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд и задржување во руралните средини.

„При дефинирањето на поимот рурална жена, треба да се тргне од фактот дека нашите рурални области или села минуваат низ силен процес на деаграризација на населението, така што има многу луѓе кои не можат да бидат вклучени во категоријата „земјоделци“. Терминот „рурална жена“ е поширок, додека терминот „земјоделец“ или „жена-земјоделка“ е потесен затоа што вклучува само активни членови на оваа група на кои им припаѓаат носители на земјоделски стопанства. Намалување на диспаритетот помеѓу урбаните и руралните средини, како и намалување на родовата нееднаквост проследено со создавање на услови за еднаков пристап до права, заштита од дискриминација, професионален напредок и економска стабилност на жените во руралните средини се само дел од идентификуваните приоритети кои треба да се постигнат за да се обезбеди подобар живот за жените во руралните средини“, се вели во извештајот на ДЗР.

Укажуваат на неопходност е јавните институции да ги зајакнат заложбите за елиминирање на дискриминацијата и пристапот до права за жените во руралните средини, да го намалат и затворат родовиот јаз и да овозможат олеснување на пристапот на жените, вклучително на жените од руралните средини и жените кои се активно вклучени во земјоделство до формално вработување и претприемништво проследено со подобрување на нивните можности за согласување на работниот живот со семејните обврски.

„Тие се клучни придонесувачи во земјоделското производство, безбедноста на храната, движењето за климатските промени, претприемништвото и граѓанскиот активизам. Со своето делување во заедницата, руралните жени се носители на промени за намалување на сиромаштијата, генерирање на приходи и можности за вработување што е клучен придонес за одржлив развој на заедницата“, се додава во извештајот.

Жените од руралните средини и нивното вклучување на пазарот на труд, не се дел од стратешките приоритети и цели на Владата, утврдија ревизорите.

Податоците за реализација на Оперативните планови за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот не содржат податоци за корисници на мерки разделени по рурални и урбани средини, поради што не може да се утврди учеството на жените од руралните средини во овие програми и мерки. Мерките за вработување и обуки кои се реализирани во периодот се општи, наменети се за сите мажи и жени во државата, но во нив не е вклучена родовата перспектива и не се прилагодени на потребите и специфичностите на жените во руралните средини.

Мерката за инвестиции во руралната јавна инфраструктура од ИПАРД програмата која треба да придонесе за подобрување на инфраструктурата во руралната средина и услови за вклучување на жените и девојчињата во образованието и пазарот на труд како и здравствени услуги, поради недостиг на капацитети во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, не е акредитирана.

Во 2019 година за прв пат била воведена родово одговорна мерка 115 – поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, а во 2022 година бил објавен и вториот јавен повик. Ревизорите утврдиле дека во 2022 година биле поднесени 66% помалку барања за финансиска поддршка во однос на 2019 година, а ставовите и перцепциите на жените се дека задоцнетите исплати на средствата за мерката од првиот повик влијаело на намалување на бројот на жени кои не поднеле барање во вториот повик .

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема спроведено анализа за ефектот од спроведувањето на Мерката 112, помош на млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност , односно нејзиното влијание во зајакнување, зголемувањето на бројот на млади земјоделци кои започнале со земјоделска дејност и нивниот статус од родов аспект.

Не се донесени посебни законски решенија за поддршка на речиси целосно напуштените подрачја или подрачја во фаза на сериозна депопулација во Македонија кои формираат географска територија со значителна големина од вкупната територија на државата (до 4%).

„Согласно податоците од Државниот завод за статистика во државата 205 населени места се без ниту еден жител, а 218 населени места се со помалку од 10 жители. Во 2023 година донесена е Програма за користење на неповратна финансиска поддршка за жените кои вршат земјоделска дејност и имаат статус осигуреник индивидуален земјоделец , со која се стекнуваат со правото на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, со што придонесува кон социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност. Инвестирањето во објекти за згрижување на деца од предучилишна возраст во руралните средини претставува добра основа за задржување на младата популација во руралните средини, но утврдивме дека не е изработена сеопфатна анализа за потребата по рурални средини, временски рокови, надлежни институции и потребни финансиски средства. Во државата постојат пет јавни установи за сместување на стари лица и истите се лоцирани во градски средини. Стратегијата за родова еднаквост 2021 – 2027 година во целта подобрен квалитетот на работа на жените предвиден е индикатор – изградба на домови за стари лица во руралните средини, но не се предвидени активности за постигнување на целта, односно не е утврдено во колку и во кои рурални средини ќе се градат домови“, утврдиле ревизорите.

Во насока на надминување на утврдените состојби дадовме препораки до одговорните лица на институциите, со чија имапламентација се очекува да се подобрат и отстранат недостатоците во организацијата и функционирањето на надлежните институции и во процесот на вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ