вторник, 22 октомври 2024
Блиските на осомничената бараат таа да биде ослободена како Пале оти се бранела

Жената која стори двојно убиство со дуксер во лето криела модринки и живеела со маж осуден за насилство

Осуден за загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство бил мажот од Кратово кој беше убиен со нож од неговата жена. За него имало условна казна оти ја тепал неговата сопруга, потврдија за МКД,мк од Обвинителството. Други пријави процесуирани до ОЈО за овој случај во кој 36-годишната жена по претрпено насилство посегна по нож и ги уби мажот и свекорот според нашите офоцијални податоци, нема.

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека до нив стасувале само поплаки според кои осомничената жена се жалела од свекрвата, па од золвата (сестрата на нејзиниот сега убиен сопруг), а во една од поплаките сопругот, кого таа го уби со нож, се пожалил од неа. До која мера имало семејно насилство во домот на ова семејство знаат само тие, бидејќи по полаките во нивниот дом доаѓале полициски службеници, но случувањата не стасувале до обвинител, освен во еден случај по кој тие продолжиле да живеат заедно. Од МВР велат дека полициските службеници постапиле соодветно.

Но, на социјалните мрежи се појавија тврдења од блиски роднини дека жената која го изврши двојното убиство секојдневно била тепана, дека и во топлите денови носела дуксер за да ги сокрие модринките од ќотекот што го трпела, дека се обидувала да им укаже на институциите низ што поминува, но се откажувала бидејќи насилникот сакал да ѝ ги земе децата.

Според неофицијалните тврдења, три дена пред да ги убие мажот и свекотот, таа била избркана од дома, а децата останале во куќата. Спиела на улица за да ги чува и да внимава на нив. По три дена влегла во куќата каде повторно трпела насилство, па посегнала по нож и ги убила.

Дека била тепана пред да го изврши двојното убиство потврди и Обвинителството. И не само тепана, туку и давена. А бидејќи Обвинителството излезе со официјални податоци дека пред убиството таа била малтретирана, значи постојат докази дека мажот ја давел.

Квалификацијата е дека при вршење семејно насилство осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот.

„По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место“, соопштија од обвинителството.

Евиденција има и за поплаките до МВР.

„Во 2024 година во ОВР Кратово била пријавена поплака од страна на В.И. (36) против нејзината свекрва С.И.. Во 2023 година во ОВР Кратово била пријавена поплака од страна на В.И. (36) против нејзината золва А.Е.. Во 2020 година во ОВР Кратово била пријавена поплака од страна на Ј.И. против неговата сопруга В.И.. За сите пријави е соодветно постапено од полициските службеници.Исто така, во 2019 година против Ј.И., сопругот на В.И. во основното јавно обвинителство Куманово била поднесена кривична пријава за кривично дело загрозување на сигурност при семејно насилство“, ни одговорија од МВР во врска со овој случај.

Основното јавно обвинителство Куманово вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против 36 – годишната жителка на Кратово, која е осомничена дека сторила кривичнo делo – убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

Роднините кои објавија детали на социјалните мрежи бараат таа да биде ослободена од затворска казна споредувајќи го нејзиниот случај со оној на Пале од Велес.

Велешанката Пале Иловска пред  две години доби ослободителна пресуда од Судот во Велес. Судијката Габриела Гајдова во образложението на ослободителната пресуда рече дека таа убиството врз својот невенчан сопруг го сторила во нужна одбрана. Нејзиниот невенчан сопруг, односно убиениот, бил во надмоќна позиција над неа, така што нејзиното дејствие било сразмерно и пропорционално.

„Таа немала намереа да го лиши од живот, бидејќи и веднаш откако се случило дејствието таа викнала брза помош и се обидела да го спаси убиениот. Таа побарала совет од Брзата помош телефонски како да го спаси, при што тие и кажале да му стави перница под главата и со крпа да му го стопира крварењето и да го заврти. Таа тоа го кажала и во својот исказ во судот, и судот дава верба на нејзиниот исказ, бидејќи нејзиното дејствување се поклопува со она што и го кажале од Брзата помош, односно кога дошле службени лица тие ја забележале перницата под неговата глава од левата страна и крпата која била натопена со крв, а со телото било манупулирано, што говори за обидот на Пале да го спаси“, рече тогаш судијката Гајдова.

Дали и кратовчанката која посегна по животот на мажот и свекорот ќе добие пресуда како Пале ќе покаже времето, исто како што низ судскиот процес ќе се види дали институциите потфрлиле во овој случај и не ја заштитиле доволно неа и нејзините деца

                                                                                                               К. Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ