недела, 20 октомври 2024

Земјите од Г7 одржуваат самит во Јапонија. САД: Ќе покажеме единствен став кон Кина

Објавено на

часот

Сподели

За време на посетата на Јапонија, Бајден ќе покаже дека Вашингтон ја поддржува Украина и дека е поангажиран од кога било во индо-пацифичкиот регион, изјави претставник за Ројтерс, кој сакаше да остане анонимен. По тридневниот самит што започнува во петок, Бајден накратко ќе ја посети Папуа Нова Гвинеја, а потоа ќе отпатува за Австралија на состанок на групата позната како Квад (Австралија, Индија, Јапонија и САД).

На прашањето дали лидерите на Групата седум богати земји – Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД – ќе покажат единствен став кон Кина, втората по големина економија во светот и главниот ривал на САД за глобална надмоќ, официјалниот претставник одговори: „Иако Г7 работи врз основа на консензус, домаќините имаат голема улога во поставувањето на агендата, а Јапонците се многу, многу загрижени за важни прашања за економска безбедност, вклучително и во односите со Кина“.

„Мислам дека можете да очекувате лидерите на Г7 јасно да покажат дека се обединети во пристапот заснован на заедничките вредности. Во исто време, секоја земја од Г7 сама ќе го одредува сопствениот однос со Кина, но сите ние стоиме зад принципите кои ќе ги водат сите наши односи“, рече тој.

Официјалниот претставник додаде дека САД се „многу оптимисти“ иако тоа е „едно од покомплексните прашања“ за Г7 во Хирошима.

Разликите меѓу земјите за тоа како да се позиционираат кон Кина се појавија по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Пекинг минатиот месец. Тој ја повика Европската унија да ја намали зависноста од САД и предупреди дека ЕУ нема да се вклучи во кризата околу Тајван, која е водена од „американскиот ритам и кинеската претерана реакција“.

Пред две години во Британија, лидерите на Г7 ја критикуваа Кина во однос на прашањето за човековите права. Американски официјален претставник рече дека Г7 ќе се фокусира на потребата да се поддржат земјите во развој погодени од неодамнешните проблеми, вклучително долгови и климатски промени, а лидерите ќе се согласат дека е потребна силна акција за да се забрза транзицијата кон чиста енергија.

На прашањето дали може да се очекува договор на Г7 за ограничување на извозот на технологијата на полупроводници во Кина и дали постои консензус по ова прашање, службеникот одговори: „Постои консензус за потребата од безбедност на технологијата. Не сакам да шпекулирам каков ќе биде договорот, но мислам дека меѓу земјите кои се најголеми играчи во полето на полупроводниците, постои многу широк договор и значителен степен на консензус. Мислам дека можете да очекувате општ договор за принципите кои ќе ги дефинираат односите со Кина“.

Официјалниот претставник рече дека очекува трилатерален самит на маргините на Г7 меѓу Бајден и лидерите на Јапонија и Јужна Кореја, кој ќе покрие прашања за економска безбедност, проширувањето на воените вежби и заедничката загриженост за Северна Кореја.

Состанокот на Квад на 24 мај најверојатно ќе донесе нови чекори во безбедноста и дигиталното поврзување, технолошките инвестиции, изградбата на инфраструктурата, климата и чистата енергија, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ