петок, 8 ноември 2024

Здруженија и експерти бараат во Собранието да не се гласа за легализација на дивоградби

Граѓански организации и експерт бараат од претседателот на Собранието и пратениците повлекување на измени на законот со кој се легализираат дивоградби изградени до 31.12.2022, по скратена постапка, а во случај да не биде повлечен, да не го гласаат овој штетен предлог-закон со далекусежни последици чија расправа е закажана на пленарна седница на 22 декември, велат 21 здружениe/иницијативи на граѓани и експерти во своето заедничко соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението се изнесени бројни аргументи во прилог на барањето:

1. За Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти кој беше изгласан во Собранието на 11.5.2021, претседателот Пендаровски не го потпиша указот поради силните забелешки на стручната, засегната и широка јавност, неговата спротивност со Уставот и го врати на повторно разгледување во Собранието. Тој закон не се донесе. Сега имаме многу полоша ситуација, каде со мали измени на стариот Закон за постапување со бесправно изградени објекти се предлага да се легализираат бесправно изградени објекти до 31.12.2022 година. На овој начин се дозволува

– да се легализираат објекти во заштитени подрачја, вклучително и во границите на УНЕСКО светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети), во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, во подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура;

– ца се легализираат базени, станбени згради за колективно домување, викенд куќи, хотели, ресторани, трговски центри, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за производство на енергија од обновливи извори, складишта за нафтени деривати, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, депонии на инертен, неопасен и опасен отпад, објекти за складирање, третман и/или преработка на отпад, рудници, автокампови, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи, итн.;

 
– странски правни и физички лица можат да бидат баратели;

 
– државното земјиште на кое се легализираат бесправно изградените објекти е предмет на откупување.

2. Со овој закон се запираат управните, судските (кривичните) и граѓанските постапки кои се поведени или се водат за изградба на бесправните објекти предмет на овој закон.

3. Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков правен поредок во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

4. Со овој закон се поништуваат законските одредби од бројни закони, како законот за градење, законот за урбанистичко планирање, законот за заштита на природата, законот за земјоделското земјиште, законот за води, законот за шумите, законот за заштита на културно наследство, кривичниот законик, просторните и урбанистичките планови, итн.

5. Со овој закон се упаѓа во судскиот систем и се запираат веќе покренати управни, судски (кривични) и граѓански постапки.

6. Со овој закон се испраќа силна порака дека не треба да се почитуваат низа на закони, правилници и стандарди за добивање дозвола за легална градба, се поддржува криминал.

7. Со овој закон се мотивираат сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Особено се мотивираат оние со повисоки приходи кои градат на места каде никако не би смеело да се гради.

8. Со овој закон се ставаат во нерамноправна положба граѓаните, што е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите.

9. Со овој закон оневозможени се сите постапки со кои се одредува влијанието врз животната средина на бесправните објекти и се дозволува легализација на градби во заштитени подрачја и зони.

10. За овој закон не е подготвена проценка на ризиците, која би била неопходна за вистински да се увидат влијанијата од истиот. 

11. Овој закон е спротивен на препораките на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во однос на легализацијата на дивоградби:
 

Точка 7 од Препорака бр. 211 од 2021 година на Постојниот комитет на Бернската конвенција во врска со случајот 2013/01: Северна Македонија: хидроенергетски развој на територијата на Националниот парк Маврово – Осигурајте дека нема понатамошни прoдолжувања на рокот за апликации за легализација на објекти кои биле изградени без дозвола во Националниот парк Маврово, другите заштитени подрачја и локалитетите на светско наследство.

 
Точка 6 од Препораката бр. 221 од 2023 година на Постојниот комитет на Бернската конвенција во рамки на Случајот 2017/2: Можни негативни влијанија од планирани инфраструктурни проекти врз кандидат Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица – Воспоставете политика на нулта толеранција за секоја нова бесправна градба со рационализирање на процесот за нивно отстранување во закон, зголемување на казните за прекршување на правилата за урбанистичко планирање во локалитетите на светско наследство и зајакнување на персоналот, процедурите и професионалните стандарди на релевантните инспекторати.

12. Овој закон е во собраниска процедура по скратена постапка, иако неговите последици се огромни и далекусежни и по владеење на правото и по самата животна средина и урбанистичкото планирање. Тоа значи дека нема јавна расправа, нема консултации со стручната јавност од разните области кој овој закон ги опфаќа, а тие се бројни, не е објавен на ЕНЕР со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово (не)донесување, не е направено задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации.
 

13. Се повикуваме и на заклучните согледувања од одржаната јавна дебата на тема “Уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти” од 25.5.2021 во организација на ДКСК и препораките на ДКСК.

Потписници на барањето се:

 

1. О2 иницијатива
2. Грин-орг-КО Кочани
3. Мегународен центар за уметност и одржлив развој Арт Поинт-Гумно
4. Еко герила Тетово
5. Институт за комуникациски студии
6. Еко-логик
7. Здружение Национален ромски центар Куманово
8. Центар за истражување и креирање политики-ЦИКП
9. Го сакам Водно
10. Фронт 21/42
11. Флорозон 

12. Зелен институт
13. Здрава котлина Струмица
14. Гоу грин
15. Охрид ЅОЅ
16. Доцент Д-р Златко Илијовски, дипл. инж. геол., Директор на оддел
хидрогеологија при Градежен Институт Македонија АД Скопје
17. Еко долина Ново Село
18. Институт за демократија „Социетас Цивилис“
19. Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
20. Зелен хуман градн

21. Шанса за Центар

Фото: илустрација

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ