вторник, 8 октомври 2024

Закажано сослушување за вмешаноста на Фон дер Лаен во аферата со вакцините на Фајзер

Европскиот суд на правдата на 15 ноември ќе го сослуша случајот за постапките на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во рамки на набавката на вакцини против ковид-19, објави Фајненшал тајмс, повикувајќи се на анонимни извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Советот од 15 судии наводно ќе разгледа дали таа незаконски криела текстуални пораки кои наводно ги разменила со извршниот директор на Фајзер Алберт Бурла.

Комисијата на врвот на пандемијата се залагаше за колективно купување милијарди вакцини и нивна дистрибуција меѓу државите членки на ЕУ. Во текот на 2020 и 2021, Брисел склучи договори со произведувачи на вакцини во вредност од приближно 2,7 милијарди евра.

Се верува дека Фон дер Лаен одиграла клучна улога во организирањето на набавката, а критичарите тврдат дека преговорите не биле доволно транспарентни.

Фајненшал тајмс објави дека доказите за случајот ќе ги разгледува Големиот совет на судот, кој обично се бави со сложени или особено важни случаи.

Њујорк тајмс уште во јануари 2023 година ја тужеше Европската комисија поради тврдењата дека тоа тело на ЕУ не поседува наводни текстуални пораки на Фон дер Лаен, а кои американскиот весник ги барал врз основа на правото на слобода на информирањето.

Како што наведе тој весник, Бурла потврдил дека тој и Урсула фон дер Лаен размениле приватни пораки и дека претседателката на Европската комисија му кажала дека таа лично е вклучена во преговорите за набавка на вакцините.

Додека Њујорк тајмс инсистираше на објавување на наводната преписка, Фон дер Лаен тврдеше дека ги избришала повеќето пораки кои ги разменила со Бурла.

Се очекува судот на ЕУ следниот месец да ги праша претставниците на комисијата дали пораките во срцето на случајот некогаш постоеле, и ако да, дали подоцна се избришани и зошто, наведува Фајненшал тајмс.

Во посебен случај од средината на јули, општиот суд на ЕУ пресуди дека Комисијата без легитимна причина скрила детали за набавка на вакцини против ковид-19 од компаниите Фајзер и Астразенека, во вредност од повеќе милијарди долари.

Група европски пратеници во 2021 година побараа пристап до релевантните документи за да се уверат дека јавниот интерес е заштитен и дека членовите на преговарачкиот тим на ЕУ немаат конфликт на интереси.

Комисијата се согласи да објави само цензурирана верзија на документите и одби да го открие идентитетот на членовите на преговарачкиот тим. Пратениците подоцна тоа прашање го поднесоа на суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ