вторник, 22 октомври 2024

Захарова за планот на Г7: Имотот на западните земји во Русија може да послужи за одмазда

Русија располага со „значителни количества“ имот на западните земји на своја територија, кои би можеле да ѝ послужат на Москва за одмазда доколку Западот го заплени приходот од рускиот имот, изјави портпаролката на министерството за надворешни работи Марија Захарова.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лидерите на Групата седум западни индустриски најразвиени земји на минатонеделниот самит во Италија се сложија да ги искористат каматите од рускиот имот замрзнат на Западот за обезбедување заем за Украина од 50 милијарди долари. Руските власти инсистираат дека тоа е незаконско.

„Нашата земја има значителни количества западни фондови и имот кои се под руска јурисдикција. Сето тоа може да биде предмет на руска политика на одмазда“, кажа Захарова.

Економисти, правници и експерти сметаат дека Русија во тој случај веројатно би запленила финансиски средства и хартии од вредност на западни инвеститори кои во моментов се чуваат на посебни сметки, чиј пристап е блокиран од почетокот на конфликтот во Украина.

Околу 260 милијарди евра вреден руски имот, како резервите на Централната банка, се замрзнати во рамки на санкциите воведени против Русија поради конфликтот во Украина.

Функционери на Европската Унија кажаа за агенцијата Ројтерс минатата недела дека блокот би можел да обезбеди околу половина од заемот од 50 милијарди долари за Украина.

Меѓутоа, италијанската премиерка Џорџа Мелони, која беше домаќин на самитот на Г7, подоцна соопшти дека парите ќе ги обезбедат Соединетите Американски Држави, Канада, Британија и веројатно Јапонија, и дека земјите членки на ЕУ засега не би биле директно вклучени.

Захарова им кажа на новинарите дека Русија добила „директни сигнали“ од некои земји од Г7 дека нема да учествуваат во таква акција „бидејќи сфаќаат дека трошоците би биле исклучително болни“.

Таа не ги наведе земјите, ниту изнесе дополнителни детали со кои би го поддржала тврдењето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ