Поминаа четири кола од новата сезона, а Захариевски веќе е третиот тренер на Вардар. Неговите претходници не успеаа од овој тим да направат конкурентен состав, па клубот реши да се обиде со трета среќа.
„Голема благодарност до раководството што ми дадоа можност да го водам Вардар. Не сакам да трошам зборови што значи Вардар. Доаѓам во еден незгоден момент, каде што не можам да корегирам нешто во физичката спремност на играчите. Не можам многу да корегирам да доведам нови фудбалери. Ќе се обидеме да се засилиме со некој играч бидејќи има уште неколку денови од преодниот рок. Ова е преодна фаза, добар почеток и за среќа доаѓаат подобри денови во Вардар, од тоа што беше презентирано. Сега амбициите се да го стабилизираме клубот, да заиграме подобро. Пре да се да се бориме, а тоа да го забележат публиката и јавноста. Нашите амвиции секогаш се да одиме на победа. До каде ќе стигнеме не можам да кажам, но мора да се бориме на секој натпревар. Можеме да ветиме дека ќе има борба за секој бод, ќе има желба и мотив. Играчите треба да се свесни за условите, какви што ги немаат многу европски клубови“, вели Захариевски.
Тој од 2001 до 2004 година како фудбалер го носеше дресот на Вардар, но овојпат е во поинаква улога, со многу поголема одговорност.
„Како играч притисокот е голем, ама таа одговорност ја делиш со останатите играчи. Сега јас сум „виновникот“ тренерот. Го прифаќам предизвикот, не бегам од одговорност. Само можам да ветам доста работа и борба. Секако дека играта не беше добра, да бидеме реални првите четири кола. За две седмици се сменија двајца тренери. Сакале да го извадат најдоброто, но прикажаното не беше добро. Мора многу да работиме за да се кренеме. Ќе го одработиме и првиот тренинг, запознаен сум донекаде, но не до крај до каде се повредените играчи. По тренингот ќе имам некаква слика за целата ситуација. Ќе се обидеме да подобриме што се може, за на секој натпревар да се држиме на победа. Гостивар е екипа која многу често ги менува играчите. Сезонава ги немам гледано, но имаат квалитетни фудбалери. Надополнети се со нови добри играчи, ќе направиме добра анализа за да бидеме подготвени“.