вторник, 22 октомври 2024

Загина планинар откако паднал во провалија кај Тресонечка Река

Загина планинар откако паднал во провалија кај Тресонечка Река, информираше попладнево Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Фото: Борјан Михајловски

Објавено на

часот

Сподели

Од ЦУК информираа дека денеска околу 12:30 часот на бројот за итни повици 112 вознемирен планинар пријавил дека еден човек од седумчлената планинарска група паднал во провалија длабока педесетина метри и дека при падот се здобил со сериозни повреди на главата и бил во несвесна состојба. Несреќата се случила на територијата на Општина Маврово-Ростуше, пред изворот на Тресонечка Река во близина на месноста викана Раскрсницата.

Поради непристапноста на теренот возилото на Итната медицинска помош не било во можност да се упати кон местото на настанот.

Од страна на ЦУК веднаш е упатено барање за ангажман на хеликоптер на МВР, а од нивна страна дополнително е ангажиран тим од Специјалната антитерористичка единица (САЕ) Тигар, за извлекување на настраданиот и транспорт до болница.

„Повреденото лице кое не давало знаци на живот, во многу тешки услови за лебдење на хеликоптерот со придружба на специјалец од САЕ Тигар, е качено во полицискиот хеликоптер и пренесено до ГОБ 8-ми Септември во Скопје, каде од страна на докторите е констатирана смрт“, информираат од ЦУК.

Оттаму не одговорија дали се точни информациите дека првично повредениот планинар бил однесен во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје, но таму никој од дежурните не излегол да го прифати пациентот по што истиот бил однесен во ГОБ 8 Септември.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ