недела, 14 јули 2024

За прв пат во историјата, Германија доби стратегија за национална безбедност

Објавено на

часот

Сподели

„За прв пат во историјата на нашата земја изготвивме стратегија за национална безбедност. Таа е важен придонес за зголемување на безбедноста на германските граѓани, особено во променетите околности по нападот на Русија врз Украина и саботажата на гасоводот Северен тек“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц при претставувањето на стратегијата, која претходно беше прифатена на редовната седница на Владата.

„Денешна Русија е убедливо најголемата закана за мирот и безбедноста во евроатлантската област“, ​​рече Шолц.

Тој објасни дека отсега прашањето за националната безбедност ќе биде распределено помеѓу неколку министерства и повеќе нема да биде само во надлежност на Министерството за одбрана. „Сите средства и инструменти мора да дејствуваат координирано за да ја одбранат земјата од надворешни напади“, рече Шолц. Тој заклучи дека без безбедност „нема стабилност или благосостојба“.

Стратегијата заеднички ја претставија канцеларот Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) и министерката за надворешни работи Аналена Баербок (Зелените), министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД), министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) и министерот за финансии Кристијан Линднер (Либерално-демократска партија ФДП).

Стратешкиот документ предвидува спојување на надлежностите во одбраната од внатрешни и надворешни закани и е поделен во три тематски целини. Првата е способноста за одбрана, која вклучува координација на вооружените сили и цивилната заштита, потоа отпорноста на општеството, односно способноста за одржување на уставниот поредок без надворешна зависност и одржливоста.

Министерката за надворешни работи Баербок рече дека предизвиците за безбедноста на германските граѓани се протегаат низ сите области на животот. „Ова се однесува и на прашањето за снабдување со лекови, и на безбедноста од сајбер напади, па сè до снабдувањето со вода за пиење“, рече Баербок.

Таа додаде дека успехот на безбедносната стратегија зависи и од поддршката на целото општество, од општините, болниците и компаниите. Меѓу другото, задача на стопанството би била да се грижи за доволно количество клучни суровини.

„Нападот на Русија врз Украина ни покажа дека мирот и безбедноста не се вредности што паднале од небо, туку мора да се грижиме за нив“, рече Баербок. Министерот за финансии Кристијан Линднер нагласи дека безбедноста на Германија има и финансиска димензија.

„Фискалните резерви во кризни времиња овозможуваат дејствување, што се покажа за време на пандемијата на коронавирусот и шокот поради ненадејниот пораст на цените на енергијата“, рече Линднер.

Коалициската влада на социјалдемократите, зелените и либералите ја вклучи стратегијата за национална безбедност во својот коалициски договор, кој беше потпишан неколку месеци пред рускиот напад врз Украина.

Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ ја критикуваше стратегијата за национална безбедност во оваа форма и бара воведување на Совет за национална безбедност кој, доколку е потребно, подобро ќе ги координира активностите на федерално ниво и на ниво на сојузни покраини и општини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ