вторник, 22 октомври 2024
ЗНАМ и Вреди никако да се разберат

За Минчев балансерот е завршена работа, Вреди му порача да излезе од изборната кампања

Каков било коментар од колегите од Вреди е беспредметен. Ние како министри мора да ги почитуваме законите, се надевам дека и нивната интенција е тие да се почитуваат, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во врска со несогласувањата со коалицијата Вреди за примена на дигиталната алатка балансер за вработување на етничките заедници во јавниот сектор. Портпаролот на Коалицијата Вреди пак, Фари Хисени му порача на Минчев, но и на претседателот ЗНАМ, Максим Димитриевски да излезат од предизборната кампања и да се однесуваат како извршна власт.

ЗНАМ и Вреди никако да се разберат

Објавено на

часот

Сподели

„Во Законот за вработени во јавниот сектор децидно пишува дека балансерот се однесува исклучиво на жителите, на граѓаните коишто се на територијата на Македонија, однсно резидентното население, и јас како министер нема да отстапам од почитувањето на законите во таква форма во каква што сега се напишани“, изјави Минчев по отворањето на првата од серијата дискусии за реформи во јавната администрација.

Додаде дека во неговите изјави деновиве укажувал оти во изминатите години оваа алатка е злоупотребувана од сите етнички заедници за да се вработат во јавните институции.

„Балансерот е воопшто злоупотребуван. Тоа значи дека Македонци се пишувале Албанци, дека Албанци се пишувале Македонци, дека припадници на другите етнички заедници се пишувале или Македонци или Албанци со цел да се вработат во јавните институции. Целта на балансерот е да има правична застапеност на етничките задници. Она што во коментар го дадов вчера е спроведување и почитување на законите“, истакна министерот.

На новинарско прашање дали различните толкувања за примената на балансерот со коалицискиот партнер во Владата може да доведе до отпор или блокада од страна на Вреди при носењето на клучните закони за јавниот сектор, за кои беше посветена и денешната дебата, Минчев одговори дека очекува консензус за законските решенија.

„На оваа дебата имаше и претставници на Владата коишто се од редовите на Вреди. Јас мислам дека овие дебати ќе ги исцрпат тие можности и мислам дека ќе дојдеме до заеднички законски решенија, затоа што никој не е индивидуалец во оваа Влада. Сепак, ова се закони коишто ќе ги донесе новата Влада, односно ќе ги донесе Парламентот, но по предлог на Владата. Министерството за јавна администрација е носител на овие законски решенија и се надевам дека ќе имаме консензус по предлог-текстовите на новите закони“, додаде Минчев.

Портпаролот на Коалицијата Вреди пак, Фари Хисени му порача на Минчев, но и на претседателот ЗНАМ, Максим Димитриевски да излезат од предизборната кампања и да се однесуваат како извршна власт.

„И министерот Андонов рече дека додека да се донесе Законот за правична застапеност, останува активен инструментот што се користел до денеска. Порачувам до Димитриевски и Минчев да се однесуваат како извршна власт, да се однесуваат како дел од оваа Влада и нека излезат веќе од предизборната кампања, нека излезат од тие националистички изјави и пристап кон јавноста и да не го користат случајот за да направат поделби и за политички поени. Бидејќи на крај на краиштата ЗНАМ не е некој голем фактор во оваа Влада“, рече Хисени.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев вчера истакна дека нема намера да провоцира ниту еден од коалиционите партнери, туку, исклучиво ги спроведува законите. Тој одговорајќи на новинарски прашања повтори дека пресметката во балансерот, односно правичната застапеност на етничките заедници во јавната администрација, се однесува исклучиво на резидентното население, односно на сите жители кои живеат на територијата на државата и дека таа тема е завршена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ