вторник, 22 октомври 2024

За Мицкоски, Преспанскиот договор е двонасочна улица, за Османи договор за стратешка соработка

Меѓународните договори треба да се почитуваат и тука немаме никаква дилема, но тоа е двонасочна улица, изјави денеска мандатарот за состав на нова влада Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање да даде коментар на препораките од САД и Франција да се почитуваат меѓународните договори. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи пак, на денешната прес конференција кажа дека Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Договорот е договор помеѓу најмалку две страни, и треба и двете страни да го почитуваат. Ако конкретно мислите на Преспанскиот договор, ние како идна влада го почитуваме во детали и тука не треба да има никој никаква дилема. Но истовремено очекувам и вториот потписник, а тоа е нашиот јужен сосед, да го почитува. Креиравме документ колку е имплементриран од наша страна, а колку е имплементиран од грчка страна. Планираме да го запознаеме секој оној којшто е љубопитен да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот меѓународен договор“, потенцира Мицкоски.

Вели дека очекува сите стратешки партнери кои се дел од тие меѓународни договори да ги почитуваат онака што како и Македонија како држава ги почитува.

Во однос на тоа колку победата на Европската народна партија ќе биде исчекор во проширувањето на ЕУ, Мицкоски вели дека очекува да продолжи отворениот пат на евроинтеграции, на државите кои сакаат да бидат дел од европското семејство. Тој уште очекува дека идниот состав на Европската комисија ќе работи поинтензивно, а дека единствен критериум ќе бидат Копенхашките критериуми. Мицкоски додаде дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е јасен – диктати и ултиматуми не прифаќаат.

А министерот за надворешни работи, Бујар Османи пак, на денешната прес конференција кажа дека Преспанскиот договор е повеќе од договор за името. Според него тоа е договор за стратешка соработка.

„Преспанскиот договор е јасен по однос на употребата на името на државата што важи за сите и тој е спореден по однос на уставната обврска што ја имаме сите ние. Уставното име на државата е Република Северна Македонија и секоја употреба на друго име е надвор од Уставот“, рече Османи.

Во однос на почитувањето на одредбите од договорот во врска со употребата на придавката македонски, Османи потенцираше дека нема простор за различни интерпретации на Преспанскиот договор.

„Согласно Преспанскиот договор придавката македонски може да се користи само во етнички контекст, не во државен. Сè што е македонски се однесува на македонската етничка заедница и оттука мислам дека треба да се почитуваат тие одредби бидејќи отвораат нови прашања. Исто е и по однос на името на државата и мислам дека најкоректниот однос е да се каже ние можеби имаме, имавме разлики, но, тоа е реалност“, рече министерот.

Дополни дека доколку Владата има начин да ја смени реалноста, тоа може да го направи бидејќи, како што рече, тоа е демократски процес, но, нагласи дека додека тоа не се направи, Уставот мора да се почитува.

Информираш дека МНР нема добиено никаква официјална реакција од Грција, и рече дека се во комуникација со грчкото МНР.

„Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка“, рече тој.

Во однос на ставот на Бугарија за Македонија, тој рече дека е нерелевантен.

„Јасно се утврдени правилата на игра во преговарачката рамка и тие позиции може да бидат за потребите на домашната сцена. Не се влошени, ниту подобрени односите, но, немаат некое значење во однос на преговарачкиот процес бидејќи јасно се утврдени правилата на игра во тој процес и тоа го прави процесот предвидлив за нас, што е многу важно за земја која што претендира да стане членка на ЕУ“, рече Османи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ