вторник, 22 октомври 2024
Се разгорува битката за лидер на СДСМ

За гласање за Филипче пријава во болница, Деспотовски купувал поддржувачи, обвинувања во пресрет на изборите

На една недела пред внатрепартиските избори, се разгорува битката за тоа кој ќе биде нов лидер на СДСМ па така во јавноста протекуваат информации, обвинувања и контраобвинувања на сметка на кандидатите.

Објавено на

часот

Сподели

Наместо да се занимава со сериозните недостатоци во битолската болница, на директорката Елизабета Ивановска (СДСМ) приоритет ѝ е да ги организира партиски вработените да се регистрираат за гласање за изборот на новиот партиски претседател, напиша денеска на својот фејсбук профил пратеникот Антонијо Милошоски.
Како поткрепа на ова свое тврдење тој објави две фотогрфии. На една се гледа директорката Ивановска со кандидатот за лидер на СДСМ, Венко Филипче, а на другата извадок од комуникација во која таа до вработените во битолската болница праќа смс пораки и им закажува термин кај извесен Д-р Андреј за да пријават за гласање на партиските избори закажани за 30 јуни.
Фејсбук група пак, насловена како „Чесен социјалдемократ“ во континуитет објавува постови меѓу кои и оној во кој го обвинуваат кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски дека наместо реално да ја прикажува, тој ја купува поддршката за него. Тие споделија напис од портал во кој меѓу другото пишува дека Деспотовски е најпопуларен политичар, но таму некаде во Бангладеш затоа што, како што се тврди во написот онлајн поддршката за него доаѓаа токму од оваа земја.
„Кандидатот за претседател на СДСМ Јово Деспотовски се решил да стане популарен па ние се решивме да му помогнеме. Еве го прогласуваме за најпопуларен политичар, но во Бангладеш од каде што ги купува лајковите. Прилог фото“, пишува во написот.

Од фејсбук групата уште тврат дека Деспотвски ја има базата на податоци на членството на СДСМ и ја користи за праќање на изборни пораки.

Во меѓувреме и Филипче и Деспотовски продолжуваат со кампањата.
Филипче вчера беше во Битола од каде зборуваше за клучните нови тела кои ги предлага во програмата. Тој особено се задржа на Комисијата за етика и одговорност за која посочи дека е од витално значење за градење на култура на интегритет и одговорност за сите свои функционери.

„Историски гледано, партијата се соочи со случаи на несоодветно однесување на партиските функционери, често поради недостаток на ефективен надзор и внатрешна контрола. Ваквите случаи сериозно го нарушија угледот на партијата и ја поткопаа довербата на јавноста. Преку воспоставување на механизми за следење и евалуација на работењето на партиските и државните функционери, Комисијата за етика и одговорност ќе го следи имплементирање на етичкиот кодекс на СДСМ кај партиските и државните функционери. Доследно спроведување на овие етички стандарди е од витално значење за градење култура на интегритет и одговорност. Комисијата исто така ќе учествува во избор на кадри и носители на раководни позиции во партијата и во институциите. Формирањето на ваквата нова комисија е значаен чекор кон создавање подемократска, поодговорна и поефективна СДСМ“, порача Филипче.

Тој пред битолчани зборуваше и за потребата од обединување и континуираната комуникација како и формирањето на Совет на политики и стратегии којшто ќе го сочинуваат искусни политичари како и Совет на ветерани во кои учество треба да земат старите политичари кои учествувале во градењето и растењето на СДСМ.

Деспотовски пак вчера беше во Струга и Охрид од каде порача дека мора да бидатобезбедени услови за да гласа секој оној член кој сака да гласа.

„Луѓето се охрабрени и желни за промени од овој бран кој го поттикнавме. Постои загриженост, иако доста помала од пред три години, за тоа каков изборен процес ќе имаме. Едно од прашањата кое се наметнува е како да се најде начин да гласаат сите членови кои имаат волја. Тоа прашање се поставува речиси секаде каде што одиме. Има многу луѓе кои сакаат да гласаат но заради компликувањето на процесот со регистрација и пререгистрација се откажуваат од тоа. Ќе побарам да се направат измени во правилникот за гласање со лична карта и доколку ги има во списокот на членови да може да гласаат. Не мислам дека имаме луксуз како партија да враќаме луѓе кои дошле да гласаат. Тоа е единствениот начин како на сите наши партиски другари да им го овозможиме тоа право и да ги обединиме во партијата“, рече Деспотовски.

Освен него и Филипче кандидати за иден лидер на СДСМ се и Славјанка Петровска и Александар Бајдевски. Изброите за нов претседател на СДСМ се закажани за 30 јуни годинава.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ