понеделник, 30 декември 2024

ВВФ: За половина век катастрофален пад од 73 отсто во популациите на дивите видови

Забележен е пад од 73 отсто во популациите на набљудувани диви видови во периодот меѓу 1970 и 2020, според извештајот на Светскиот фонд за природа (ВВФ) за состојбата на планетата за 2024, што светската организација за заштита на природата го нарече „катастрофално“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Индексот на живата планета (ЛПИ), кој ја следи состојбата на бројот на популациите на дивите видови, вклучува речиси 35.000 популациски трендови за 5.495 видови од 1970 до 2020.

Најголемиот пад е забележан во слатководните екосистеми (85 отсто), потоа во копнените (69 отсто) и морските (65 отсто).

Најголема закана за популациите на дивите видови се губењето и деградацијата на живеалиштата, за што ВВФ како причина го наведува човечкиот прехранбен систем, и прекумерното искористување, инвазивните видови и болестите.

„Климатските промени претставуваат дополнителна закана за популациите на дивите видови во Јужна Америка и на Карибите, каде е забележан вџашувачки просечен пад од 95 отсто“, истакнува ВВФ.

Организацијата објаснува дека падот на популациите на дивите видови може да биде ран показател на зголемениот ризик од изумирање и потенцијално губење на здравите екосистеми.

„Кога екосистемите се оштетени, тие престануваат да ги пружаат поволностите од кои зависиме, чистиот воздух, водата и здравото тло за храна, и стануваат почувствителни, што доведува до значителни и потенцијално неповратни промени“, истакнува ВВФ.

Примери за тоа се потенцијалното исчезнување на Амазонската прашума и масовното изумирање на коралните гребени, а ВВФ истакнува дека тие имаат „големо влијание на целата планета и може да ја загрозат безбедноста на храната и природата“.

Благодарение на ефикасните напори за зачувување, пишува ВВФ, некои популации се стабилизирале или зголемиле, како планинските горила во планините во источна Африка, чиј број се зголемил за околу три отсто годишно меѓу 2010 и 2016, додека во централна Европа е вратен европскиот бизон.

Но, организацијата смета дека изолираните успеси не се доволни. И покрај меѓународните договори за зачувување на природата како Глобалната рамка за биолошка разновидност, Парискиот договор или целите за одржлив развој на Обединетите нации, Извештајот за состојбата на планетата тврди дека националните обврски и состојбата на теренот се „далеку од тоа што е потребно за постигнување на целите за 2030 и избегнување на катастрофа“.

Во текот на следните пет години се потребни големи заеднички напори за решавање на „двојната криза со климатските промени и губењето на биоразновидноста, додека Земјата се движи кон сериозна опасност за човештвото“, се предупредува во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ