петок, 18 октомври 2024

Вучиќ за првпат го прими новиот претседател на Црна Гора

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ од неделата вечерта престојува во Белград, што е негова прва официјална посета на некоја земја по инаугурацијата во мај, кога приоритетно отпатува во Брисел на состаноци со лидерите на НАТО и Европската Унија.

Односите на Србија и Црна Гора, со многу блискост и добра економска соработка, ги оптоварува тоа што официјална Подгорица ја призна еднострано прогласената независност на Косово, која Белград не ја признава, и тоа што двете земји немаат дипломатски односи на ниво на амбасадори. Истовремено, Подгорица од Белград бара екстрадиција на некогашниот претседател на државата Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ, кој е кривично осуден во таа земја.

Српскиот претседател Вучиќ изјави на заедничката прес конференција со Милатовиќ дека јакнењето на врските со Црна Гора и соработката со таа земја се од огромна корист за двете држави.

Вучиќ по средбата со Милатовиќ истакна дека таа земја е „исклучително важен партнер“, не само поради економијата туку и поради традиционалната блискост и поврзаноста на граѓаните на двете држави, големиот број Срби во Црна Гора и големиот број Црногорци во Србија.

Оцени дека во Црна Гора некои луѓе сакаат да „предизвикуваат страв од Србија“ и тврдат дека Србија нешто сака од Црна Гора, но порача дека на Србија „не ѝ паѓа на памет да бара што било“ ако тоа Подгорица на го сака. Вучиќ потсети на црногорското признавање на Косово, кажувајќи дека двете страни треба „да се стават во кожата на другиот“.

Милатовиќ оцени дека е исклучително важно од највисоките државни адреси во фокус да се стават темите кои ги приближуваат, а не кои ги оддалечуваат двете земји, признавајќи дека прашањето на Косово „е едно од оние за кои не постојат исти ставови“, но дека мора да се разговара за тоа и да се разбере позицијата на Србија.

„Мене ми е важно тензиите на Косово да се стават под контрола и да дојде до деескалација“, кажа Милатовиќ и порача дека „Црна Гора го поддржува дијалогот на Белград и Приштина“ и сака „тој да заврши на корист на двете страни“.

Милатовиќ кажа дека Подгорица сака „најдобри односи и отворени разговори“, дури и за темите за кои не се согласуваат.

Односите на Србија и Црна Гора, на чие чело до неодамна беше долгогодишниот лидер Мило Ѓукановиќ, долго време се напнати, а црногорската страна со години ги обвинува Србија и Српската православна црква за поттикнување немири во Црна Гора и загрозување на црногорската независност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ