сабота, 19 октомври 2024

Вучиќ: Прво отстапки за Србите, па нови избори на Косово

Објавено на

часот

Сподели

Според него, Србите на северот на Косово се секогаш спремни за разговори, но за возврат мора нешто да им се понуди. „Сите Срби на северот сметаат дека Србија е нивната земја, а не Косово. Тоа е реалноста“, кажа Вучиќ во интервју за Ројтерс.

Европската Унија и Соединетите Американски Држави ја повикаа Приштина да организира нови избори во областите со српско мнозинство со цел ублажување на тензиите, а Србија да ја укине состојбата на повишена борбена готовност и да ја оддалечи војската од границата со Косово.

Вучиќ истакна дека сè уште не е формирана Заедницата на српски општини (ЗСО), како и дека нема повлекување на косовските специјалци и албанските градоначалници.

Премиерот на Косово Аљбин Курти се плаши дека областа со српско мнозинство, ако добие повеќе автономија, може да организира референдум за придружување кон Србија.

Претседателката на Косово Вјоса Османи во средата изјави дека вонредни локални избори на северот може да се распишат ако 20 отсто од гласачите тоа го побараат со потпишување петиција. Таа ја обвини Србија за мешање.

Одговарајќи на нејзините тврдења, Вучиќ кажа дека е „застрашувачко тоа што го зборуваат тие луѓе“ и го обвини Курти дека не е спремен за компромис.

„Сигурен сум дека Курти нема да вложи ни минута од своето време, ни капка пот за да најде компромисно решение“, кажа Вучиќ.

Тој истакна дека војската на Србија ќе остане во состојба на висока готовност, а не во состојба на највисока борбена готовност „бидејќи тоа многу чини“.

Вучиќ кажа и дека Србија е во преговори со Франција за купување борбени авиони „рафал“, како и за понатамошно јакнење на својата војска со западно оружје.

„Финансирањето е проблем“, кажа претседателот на Србија и додаде дека продолжуваат преговорите за тоа кои ракети да се користат и за цената на договорот за француските авиони, за која минатата година кажа дека изнесува три милијарди евра. Тој истакна дека купувањето на „рафалите“ „ќе ја направи Србија поинаква земја со многу поголема сила“.

Вучиќ порача дека Србија останува на европскиот пат, како и дека успеала да ја избалансира својата надворешна политика за да овозможи продолжување на пријателските односи со историскиот сојузник Русија и со Кина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ