понеделник, 21 октомври 2024

Вучиќ и Курти повикани во Брисел, на маса предлогот на „западната петка“ за Заедница на општини со српско мнозинство

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Аљбин Курти се повикани денес да се сретнат во Брисел на 26 и 27 октомври на маргините на самитот на лидерите на Европската Унија, изјави денес портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Објавено на

часот

Сподели

Тој не можеше да потврди дали ќе дојде до заедничка средба на лидерите, но истакна дека повикот е испратен за тие прво да извршат разговори со европската страна „во знак на поддршка на дијалогот“, како и за патот напред во процесот на примена на договорот за патот кон нормализација на односите.

Вучиќ и Курти би требало да имаат одвоени разговори со претставниците на ЕУ, без заедничка средба во четврток, а медиумите јавуваат дека лидерите го прифатиле повикот.

Бриселскиот портпарол потврди и дека таканаречената „западна петка“ (САД, ЕУ, Германија, Франција и Италија), при посетата на 21 октомври на Приштина и Белград, излегла со нов предлог за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство.

„Разговорите за време на викендот беа фокусирани на тоа како да се унапреди имплементацијата на Охридскиот договор. Нема намера тој да се замени. Разговарано е за различни предлози и идеи, некои од нив во пишана форма, и оваа дискусија ќе продолжи. Ова исто така вклучува модерен европски предлог на (статусот на) Заедницата на општини со српско мнозинство“, потврди Стано.

Тој порача дека Европската Унија очекува „брзо дејствување на страните“ кои ќе покаже дека се посветени на продолжување на процесот на нормализација – со исполнување на своите обврски од дијалогот за Договорот за патот кон нормализација, како и сите претходни договори без предуслови и одложувања.

Претседателот на Србија претходно денес кажа дека очекува во следните неколку дена да се сретне со косовскиот премиер Аљбин Курти во Брисел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ