Во реакцијата на Вреди се вели:
„Имајќи ја предвид неговата висока позиција и важноста од одржување на стандардите за безбедност и државен протокол, претседателот на Собранието, Африм Гаши се однесува според прописите предвидени со закон и протоколот за безбедност. Оваа одлука е во согласност со вообичаената практика за високи службеници, со цел да се обезбеди заштита и непречено извршување на неговите обврски.
Всушност, обезбедувањето на претседателот на Собранието е должно да го следи секое негово движење. И во случајот со посетата во Косово, што стана тема од некои опозициони настроени медиуми, нема никако нарушување на овие стандарди и тоа може да се провери од сите заинтересирани страни.
Имено, во отсуство на политичка агенда и стравувајќи за своето минато, некои опозициски партии се обидуваат преку искривување на вистината да манипулираат со јавноста дека се работи за некое кршење на предвидените стандарди.
Сепак, претседателот е посветен на целосна и транспарентна соработка за разјаснување на сите аспекти на тој настан, но и за секоја друга тема што ја засега јавноста“.
Инаку, порталот Индекс.мк објави видео од кое може да се види дека Гаши со службено возило се движи во колона од возила, кои според медиумот, преставуваат свадбарска колона и се наведува дека Гаши е тргнат во улога на сват по невеста.
Самиот Гаши имаше свое соопштение во кое наведува дека патувал во семејството и дека тој, според својата функција, е обезбедуван 24/7.
Од МВР соопштија дека проверува дали патувањето на претседателот на Собранието е според законските процедури.
По објавата на Индекс.мк најпрво реагираше партијата ЛДП која побара одбоворност од собранискиот спикер и нагласи дека тој за приватни цели користи државни пари и средства на товар на граѓаните.