сабота, 19 октомври 2024
Претпријатието негира, но дел шофери се подготвуваат да заминат

Возачите на ЈСП за дополнителните одработени часови наместо пари добиваат денови

Ниту еден возач официјално нема поднесено барање за отказ од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, но информациите од возачите се дека наскоро дел од автобусите може да останат без управувачи. Редакцијата на МДК.мк го праша и ЈСП, но и некои од возачите, за тоа дали кадарот што седи зад големите волани во црвените автобуси и од високо ги гледа булеварите во главниот град, ќе замине за Германија за поголема плата и подобри услови за работа.

Објавено на

часот

Сподели

Дел од оние со кои зборувавме се возачи што многу години работат во ЈСП, и тоа од колено на колено, но сепак велат ќе заминуваат. Ниту еден од нив не го откри својот идентитет, но ниту еден не нѐ одби да ни раскаже за заминувањето.

„Многу е тешко работник што работел 24 години во едно претпријатие да се реши да даде отказ. Сум разговарал со многу колеги на кои истото им се случува и повеќето си прават пат да си заминат. Мојот татко исто така работеше во ЈСП, јас сум израснал со неговата плата, моите деца исто така израснале и се школувале од платата од ЈСП, и многу ми е криво што се пропаѓа“, вели еден од возачите со кои зборувавме.

Причина за заминувањето, велат возачите, е и тоа што многумина од нив живеат со кредити, им доцни платата, па и тие доцнат со рата кај банките.

„Веќе подолго време се соочуваме со проблеми. Платите не се редовни. Сите живееме со кредити, па банките не нѐ прашуваат зошто доцниме со исплатата, и тоа ни е голем проблем подоцна. Работиме дополнителни часови, кои треба според договорот да ни бидат платени, но тоа не се случува. Бидејќи ЈСП нема пари да ни ги плати, ги добиваме како слободни денови. Јас конкретно имам 52 слободни работни дена за користење, кои ми се изработени, но кога ќе ги побарам, не ми ги даваат, бидејќи нема кој да вози“, вели друг возач.

автобус

Се пожалија и дека во ЈСП не е како порано и дека денес е тешко да се работи.

„Како што знаете, во ЈСП Скопје веќе е многу тешко за работа. Слушнавме дека германска компанија бара возачи на автобуси и се пријавивме. Нам ни ветија дека ќе добиваме нето-плата од 2.600 евра, секој дополнителен час ќе ни биде платен, ќе имаме слободни денови, услови за кои вреди да се размисли да се замине. Откако ќе го добиеме КОД95, за кое полагање плаќа новиот работодавач, се враќаме дома по визите од амбасада и тргнуваме за Германија. Откако ќе отидеме во Германија, прво потпишуваме договор на 3 месеци, кој се смета како пробен, потоа следува нов договор на 6 месеци, а по него се добива нов петгодишен договор. Нормално дека размислувам потоа да го повлечам и моето семејство, затоа што тука во Македонија повеќе не се живее“, додава уште еден од вработените возачи во ЈСП.

23 ка

Од претпријатието се децидни, возачи има и ниту еден од нив нема поднесено барање за отказ.

„Ниту еден возач нема поднесено барање за отказ. Во моментов претпријатието располага со 588 возачи, од кои 529 се на неопределено време, а другите 59 се ангажирани преку агенција за привремени вработувања. Во последниве две години на неопределено време вработени се 72 возачи. Секој возач што се вработува во ЈСП Скопје претходно поминува теоретско тестирање, проверка на знаење преку практичен дел, како и обука за одржување на возилата“, ни одговорија од ЈСП.

Во текот на летото вработените во ЈСП, претпријатие што е под Град Скопје, со кое раководи Данела Арсовска, се соочија со доцнење на платите од два месеци. Беше најавен штрајк, но набргу потоа парите беа исплатени и штрајкот се откажа.

                                                                                                   Катерина Додевска 

                                                                                             Фото: Роберт Атанасовски 

Наместо да стане метропола со бесплатен превоз, во Скопје нервите ќе ви пропаднат во улични дупки и метеж 

Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ