сабота, 19 октомври 2024

Вонредни избори во Црна Гора: речиси двојно помала излезност од минатите избори, ДПС за првпат без Ѓукановиќ

Објавено на

часот

Сподели

На избори се излегува бидејќи досегашната владејачка коалиција не можеше да се усогласи за мандатар за нова влада откако на актуелната влада на премиерот Дритон Абазовиќ во август 2022 ѝ беше изгласана недоверба.

На изборите учествуваат 15 партии и коалиции, а според изборните анкети најверојатно движењето Европа сега, политичката партија создадена од првата влада формирана по парламентарните избори во август 2020, ќе биде јадрото на новата влада со околу 30 отсто поддршка.

Лидери ѝ се поранешните министри во владата на поранешниот премиер Здравко Кривокапиќ, Милојко Спајиќ и Јаков Милатовиќ, која беше формирана под силно влијание на Српската православна црква.

Спајиќ и Милатовиќ ја добија поддршката од граѓаните откако на почетокот на 2022, пред падот на владата на Кривокапиќ, успеаја минималната плата во Црна Гора да ја зголемат од 220 на 450 евра. Милатовиќ потоа беше избран за претседател на Црна Гора поразувајќи го во вториот круг на претседателските избори дотогашниот претседател Мило Ѓукановиќ.

Во последните денови од изборната кампања политичките противници се обидоа да го дискредитираат лидерот на Европа сега Милојко Спајиќ поврзувајќи го со јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон, кој од март е во притвор во Црна Гора, а кого САД и Јужна Кореја го бараат поради наводна измама на криптопазарот вредна 40 милијарди долари.

Проекциите покажуваат дека Демократската партија на социјалистите, која по поразот на изборите повеќе не ја предводи Ѓукановиќ, би можела да освои 20 отсто од гласовите. Партијата ја предводи младиот политичар Даниел Живковиќ, а на листата ги нема долгогодишните блиски соработници на Ѓукановиќ.

Актуелниот премиер Дритан Абазовиќ и неговата Обединета реформска акција настапуваат во коалиција со Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ и според анкетите би можеле да добијат меѓу 10 и 15 отсто од гласовите.

Црногорскиот парламент има 81 пратеничко место. Гласачките места се отворени до 20 часот, а првите резултати се најавени за половина час подоцна.

Црна Гора три години минува низ период на политичка нестабилност. Откако тогашната опозиција на парламентарните избори за првпат по три децении ја поразија ДПС на Ѓукановиќ, се сменија две влади, од кои втората, на Дритан Абазовиќ, подолго е во технички отколку во редовен мандат.

Центарот за истражување и мониторинг (ЦЕМИ) соопшти дека до 13 часот гласале 28,1 отсто од вкупниот број гласачи. Во споредба со изборите во 2020 година, излезноста е речиси двојно помала, имајќи предвид дека тогаш до 13 часот гласале 54,1 отсто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ