среда, 30 октомври 2024

Вонредна конференција во Владата на Србија: Прогласена тридневна жалост, наставата ќе почнува со едноминутен молк

Објавено на

часот

Сподели

Владата на Србија одлучи 5, 6 и 7 мај во Србија да бидат денови на жалост, а од утре наставата во училиштата ќе почнува со едноминутно молчење.

„Изразувам најдлабоко жалење за најголемата трагедија што ја снајде Србија и нашиот образовен систем во поновата историја. Осум деца го загубија животот, како и еден чувар. Шест деца се хоспитализирани и еден наставник. Никој не може да им ги врати децата на родителите“, рече министерот за образование по едноминутното молчење.

„Настанот се случи утрово кога ученик изврши грозоморен чин за прв пат во Србија. Во училиштето постоеше безбедносен прстен, функционирал видеонадзор, беше присутен обезбедувач, кој го загуби животот, а присутен бил и училиштен полицаец. За жал, и Србија е дел од тој свет каде што сѐ почесто се случуваат вакви работи, канцерогеното влијание на видеоигрите, влијанието на западните вредности. Потребна е системска разврска за оваа трагедија да не стане општествено прифатлива“, нагласи министерот.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ рече дека денеска во училиштето животот го загубиле осум деца и еден човек што си ја вршел работата и дека за жал нема можност да се вратат, а шест деца и нивната наставничка се згрижени во здравствените установи во Белград.

„Три деца се на Универзитетската детска клиника во Тиршова, а четворица – три деца и наставничка – се во Ургентен центар. Две момчиња што се сместени во Тиршова, имаат повреди на долните екстремитети, односно нозете, и се стабилни, за жал девојчето добило прострелна рана во главата и таа е критична, оперирана е и сѐ што можеше да се направи, сепак штетата е голема и се борат за нејзиниот живот“, рече министерката.

Таа додаде дека во Ургентниот центар има три деца, девојче што било примено со прострелна рана во пределот на стомакот, а кај неа не се констатирани внатрешни повреди, а е стабилна, има повреда на раката.

„Потоа момчето што има повреда на ногата моментално е во ортопедската сала, а момчето што беше застрелано низ градниот кош, вратот и има повреда на ‘рбетот, 5-тиот и 6-от вратен пршлен и тој е најтешко повреден од оние што се во Ургентен, операцијата сѐ уште е во тек, направени се дополнителни снимања, ќе треба да се вршат интервенции. Наставничката, која има повреда на карлицата и рацете, моментално е во сала, ѝ се обработуваат рацете, карлицата е згрижена и таа е во животна опасност“, рече Грујичиќ.

Таа од свое име и од име на Министерството и на целата влада изрази сочувство за родителите што ги загубија децата испраќајќи ги на училиште.

„За 40 години во здравството, уште од деведесеттите, кога се изнагледав сѐ и сешто, ова е можеби моето најстрашно искуство и како лекар и како човек“, рече таа.

Министерката им се заблагодари на колегите што направиле сѐ за да ги спасат повредените и им посака на децата и на наставничката да оздрават. Таа додаде дека Институтот за ментално здравје ќе организира две телефонски линии на кои може да се обратат сите оние што чувствуваат потреба од психолошка помош.

Министерката додаде дека соодветните институции ќе одлучуваат за здравствената состојба на момчето што го направи сето ова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ