среда, 23 октомври 2024

Војната меѓу Израел и Хамас стана сериозен проблем за Зеленски

САД ќе ја поддржуваат Украина „колку што ќе биде потребно“. Ова го кажа американскиот претседател Џо Бајден. Ова е и тоа што го пишува во завршното соопштение од последниот состанок на врвот на НАТО. А тоа е и ветување на германскиот канцелар Олаф Шолц. Од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври нова меѓународна криза го зафати вниманието на светот. И ги одвлекува силата и вниманието на земјите што особено интензивно ја поддржуваат Украина, на пример на САД, пишува Дојче веле.

Објавено на

часот

Сподели

Русија би можела да ја искористи ситуацијата на Блискиот Исток

Претседателот Володимир Зеленски неодамна ги повика членките на НАТО да не се откажуваат од давањето помош на Украина, зашто „Русија би можела да ја искористи ситуацијата на Блискиот Исток“.

САД можат да се носат со двете кризи истовремено, рече неодамна Бајден одговарајќи на едно новинарско прашање и додаде: „Ако ние не го направиме тоа, кој ќе го направи?“. Но Бајден сега има спор со републиканците кои сакаат да ја намалат помошта на Украина. Поради сегашниот хаос во Конгресот, во Украина во овој момент повеќе не пристигнуваат свежи пари.

Политикологот Johannes Varwick од Универзитетот во источногерманскиот Halleu смета дека атмосферата во САД, што се однесува на поддршката на Украина, се смени и пред најновата блискоисточна криза. Постои „натпревар за вниманието и ресурсите“, кажа Varwick за ДВ и додаде: „Не мислам дека главните играчи сега ќе престанат да ја поддржуваат Украина, но приоритетот ќе се смени“.

Поддршката во Европската Унија исто така се ниша

Солидарноста со Украина е малку нарушена и во Европската Унија. Полската влада привремено се закани дека ќе ја ограничи помошта во оружје поради увозот на евтините украински житарки. Во Словачка, која исто така ѝ даваше голема поддршка на Украина, победникот на изборите Роберт Фицо за време на предизборната кампања рече дека под негово водство оваа земја „нема да испорача ниту едно парче оружје“. Тој истовремено повика на подобрување на односите со Русија. Тука е и Унгарија, која никогаш не се приклучи кон санкциите изречени на Русија и продолжува да увезува руски гас. Премиерот Виктор Орбан се обидува ја спречи понатамошната финансиска помош на ЕУ на Украина.

Политичарот на ЦДУ Родерих Кајсеветер, специјалист за одбрана, рече за германската агенција: „Поддршката на Украина веќе ослабна, кохезијата се намалува, а гласовите што повикуваат на диктиран мирсе сè погласни.“

Дали е можна воена победа на Украина?

Иако добива голема поддршка на Западот во вооружување, Украина досега, сепак, во својата контраофанзива оствари ограничени воени успеси, но досега немаше суштествен пробој. Украинскиот воен портал Дип стејт неодамна објави: „Летото покажа дека војната нема да заврши во 2024 година под наши услови.“ Под „наши услови“ се подразбира повторно освојување на сите окупирани територии, вклучително и на Крим.

Роман Гончаренко од украинската редакција на Дојче веле неодамна во емисијата на ДВ “Ауф ден пункт” кажа: „Во Украина владее отрезнување дека Западот се измори од помошта на Украина.“

Претседателот Зеленски уште еднаш повикува на испорака западно оружје како што се борбени авиони. Тоа што сега посебно го бара од Германија се крстосувачки ракети „таурус“. Канцеларот Шолц одамна прати борбени тенкови во Украина, но одбива да испорача „таурус“. И како што покажа истражувањето на Југов, мнозинството од 55 отсто испитани Германци ја поддржува неговата одлука. Меѓутоа, токму постојаните колебања и претставуваат проблем, смета Кајсеветер: „Ослободителната офанзива ја спречува самиот Запад, зашто испорачува премалку и предоцна.“

Во Германија постојат различни мислења за тоа дали масовните испораки на оружје ќе го одредат резултатот на војната. Тоа го покажуваат и дијаметрално спротивните ставови на Родерих Кајсеветер и Јоханес Ворвик. Ворвик за испораката на крстосувачките ракети „таурус“ вели: „Се разбира дека таквото оружје прави разлика на теренот, дека „оружјето за надмоќ во воздухот и прецизното оружје како „таурус“ во доволни количества не очекувам дека тоа би можело да ја промени стратегиската констелација.“ „Русија има надмоќ во оваа војна на исцрпување и е во состојба да изврши огромен притисок врз Украина, смета тој. Но Кајсеветер, од друга страна, е убеден дека „оружјето за надмоќ во воздухот и прецизното оружје како „таурус“ во доволни количества би можеле да бидат пресвртница“ во војната во Украина.

Во меѓувреме, Кремљ игра на факторот на времето и се надева дека Доналд Трамп повторно ќе победи на изборите во 2024 година и ќе ја оконча поддршката на САД на Украина. Дали во тој случај Европејците ќе ја пополнат дупката оставена од Американците? „Тоа едноставно не е можно во такви размери“, вели Ворвик, истакнувајќи дека само САД обезбедија речиси 50 милијарди евра воена помош, а Германија, како втор најважен помагач и донатор, даде околу дванаесет милијарди. „Ако Американците престанат или масовно ја намалат својата поддршка, тогаш Украина ќе има проблем кој Европејците нема да можат да го решат.” Ова го призна и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

Западните политичари под притисок

Заморот од војната што се чувствува на Западот создава притисок на западните политичари да бараат окончување на војната преку преговори. Ворвик смета дека таквиот развој на ситуацијата е неизбежен. Притоа би морало да се преговара за „територијални промени“ во Украина, но и за „неутралност“ на оваа земја, истакнува овој политиколог. И додава дека сето тоа треба да се решава на преговарачка маса – што побрзо, тоа подобро.

Од друга страна, политичарот на ЦДУ Родерих Кајсеветер верува во воена победа на Украина со помош на оружјето од Западот, така што, според негово мислење, стратегијата мора да гласи: „Испорачајте сè што можете и тоа што побргу. Двоумењето се плаќа со животи и ја зголемува опасноста од победа на Русија и распад на Украина. А сето тоа е наша заедничка одговорност.“

Според мислењето на Роман Гончаренко од украинската програма на Дојче веле, решението засновано на формулата „откажување од територии во замена за мир“ не би имало шанса да биде прифатено во Украина: „Премногу нешта се случија, страдањата се преголеми. Тоа за Русија би било награда.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ