вторник, 22 октомври 2024
Русија

Во терористички напад во Дагестан убиени се 15 полицајци, на поп му го пресекле грлото (ВИДЕО)

Најмалку 15 полицајци се убиени вчера во серија напади во јужната руска провинција Дагестан, а убиени се и пет напаѓачи, јави Ројтерс, повикувајќи се на руските агенции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вооружени напаѓачи отворија оган врз синагога и две православни цркви во Дербент, како и врз полициски контролен пункт во Махачкала.

Министерство за внатрешни работи соопшти дека во нападот бил убиен и православен свештеник, а биле запалени синагога и православна црква. Агенциите јавуваат дека улични борби избиле во Махачкала, административниот центар на Дагестан. Националниот комитет за борба против тероризмот, од друга страна, соопшти дека се убиени пет напаѓачи.

Локалните агенции јавуваат дека има и цивилни жртви. Дагестан е руска провинција претежно населена со муслимани на Каспиското Езеро. Соопштено е дека е отворена истрага за „терористички акти“, без дополнителни детали.

Дирекцијата на Истражниот комитет на Русија за Република Дагестан објави дека покренала истрага за тероризам за нападите според Кривичниот законик на Руската Федерација. „Се утврдуваат сите околности на настанот и лицата кои учествуваа во терористичките напади, а за нивните постапки ќе биде дадена правна оценка“, се наведува во соопштението.

„Вечерва во Дербент и Махачкала непознати напаѓачи се обидоа да го дестабилизираат општеството“, изјави лидерот на Дагестан Сергеј Меликов. Убиени се и православен свештеник и чувар на црквата. Претседателот на Дагестанската јавна комисија Шамил Кадулев изјави дека отец Николај е убиен: „Му го пресекоа грлото. Имаше 66 години и беше многу болен“, рече Кадулев.

Досега ниту една организација не ја презеде одговорноста за нападите, кои се случија три месеци откако огранок на ИСИС ја презеде одговорноста за нападот во Крокус сити хол во Москва, во кој загинаа повеќе од 140 луѓе. Руските власти соопштија дека вооружените лица во Дагестан биле „поддржувачи на меѓународна терористичка организација“.

Дагестан е претежно муслимански регион каде живее мало христијанско и уште помало еврејско малцинство. Руските безбедносни сили се бореа во регионот во 2000-тите против исламистичкиот бунт што се прошири од соседна Чеченија, иако нападите станаа поретки во последниве години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ