Раководителот на Секторот на образование во Општина Штип Снежана Санева вели дека оваа бројка не е мала.
„На ниво на Општина тоа се вкупно 50 ученици, кои веќе нема да посетуваат настава. Инаку да кажеме од Општинското основно училиште (ООУ) ‘Гоце Делчев’ имаме пријавено отсуство, меѓутоа таму родители се уште не образложиле зошто децата не посетуваат настава, таа бројка е некаде околу 25 ученика и да се надеваме дека ова второ полугодие тие ќе продолжат со наставата, ќе се вратат во училишните клупи и редовно ќе ја завршат учебната година“, изјави Санева.
Таа посочува дека нема училиште кое посебно отскокнува, односно бројот на заминати ученици во странство во ова второ полугодие се движи од седум до десет ученици во секое училиште во Штип.
Лани наставата во второ полугодие не ја почнаа 81 ученик, односно нивните родители побараа исписници за заминување во странство.
Санева истакна дека од денеска нормално се одвива наставата во сите основни и средни училишта во Штип, функционира јавниот градски превоз, а училниците се затополени за нормално одвивање на наставата.