сабота, 19 октомври 2024
„Војна на чадорите“

Во Шпанија огромни казни за „резервирање“ место на плажа

Објавено на

часот

Сподели

Таканаречената „војна на чадорите“ е вообичаена практика со години во Леванте, на југоисточниот брег на Шпанија, каде што ранобудниците ги оставаат своите работи на плажата, понекогаш и во зори, за да имаат добро место на песокот пред да стане гужва.

Жителите на градот Аликанте завршија и во британските весници под обвинение дека зазеле позиции на првата линија на „боиштето“ пред изгрејсонце за да ги лишат туристите парче песок. Оваа летна битка сега стигна до брегот на Малага, на југот на Шпанија, каде што некои места веќе презедоа мерки за да се спречи контроверзната практика.

Градовите Алгаробо, Велез Малага и Торокс одобрија казни до 300 евра за оние кои ги оставаат своите работи без надзор со единствена цел да чуваат место на плажата. Притоа, тие го следеа примерот од околината на Валенсија, од споменатиот брег на Леванте, каде што градовите Кулера, Оропеса и Калпа применуваат построги казни кои достигнуваат и до 3.000 евра за истата практика.

„Неправедно е што првата линија покрај морето, која сите ја посакуваат толку многу, да биде резервирана“, рече Ванеса Лопез, одговорна за плажите во градското собрание на Торокс, за новинската агенција ЕФЕ. „Редовно наоѓаме напуштени столици, чадори и други работи“, додаде таа во градот со 19.000 жители покрај Средоземното Море.

ui

Лопез вели дека местото сега има уредба со која се забранува „резервирање на физички простор на плажите, во кое било време од денот или ноќта, со ставање на каков било предмет или работи во песокот без физичко присуство на сопственикот“.

Мерката е резултат на „многубројните поплаки“ на жителите и капачите кои тврдат дека првата линија на плажата е зафатена со часови без присуство на сопствениците на овие објекти.

Во Торокс, локалната полиција патролира на плажата за да провери дали се почитуваат прописите. Полициските службеници во случај на откривање на неправилности отстрануваат предмети кои со часови не се под надзор на сопственикот. Доколку сакаат да ги вратат, сопствениците треба да платат цена за преземање од 30 до 50 евра, во зависност од локацијата.

Сопствениците можат да ги соберат своите работи во полициска станица во рок од 14 дена, пред да стасаат во категоријата „отпад“. Со овие мерки, градовите сакаат да го гарантираат користењето на плажите како јавно добро, спречувајќи резервирање простор и овозможувајќи им на сите граѓани еднакви можности да уживаат во песокот и морето.

„Резервирањето место не е воопшто добро бидејќи нè има многу на плажата“, вели Ангела, жителка на Торокс која го поддржува усвојувањето мерки за спречување на оваа практика, иако ја смета казната за „малку претерана“. Таа се залага за унапредување на свеста на граѓаните за правилно користење на јавниот простор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ