сабота, 23 ноември 2024

Во првите 48 часа АДА, вештачката интелегенција услужи 1.321 граѓанин

Објавено на

часот

Сподели

Во првите два дена дигитален асистент во јавниот сектор базиран на вештачка интелигенција, АДА има дадено јавни услуги кон 1321 граѓанин и со нив има разменето повеќе од 24.877 пораки, разговори кои граѓаните ги имаат донесено до бараните информации и документи, објави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на својот Фејсбук профил.

„Транспарентност, ефективност и ефикасност е целта која ја сакавме и која се постигнува со АДА веќе во првите 48 часа од нејзиното лансирање. Дигитализацијата неизбежно се случува, засилено веќе години наназад во приватниот сектор, а сега чекорот го фаќа и јавниот сектор“, наведе Битиќи во објавата, потенцирајќи дека во последните 48 часа АДА била активна 166.000 секунди или 46 часа.

Вицепремиерот посочува дека АДА е дигитална алатка, дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој дава информации и услуги за граѓаните и бизнис секторот. 

„Во оваа прва фаза, АДА на сите заинтересирани граѓани и компании ќе им ги нуди сите информации за поддршка на инвестиции по Планот за економски раст, сите повици од програмата на ФИТР, како и условите за инвестирање во нашата земја преку ТИРЗ. Во иднина АДА ќе дава и други услуги од јавниот сектор“, посочува Битиќи.

Тој нагласува дека во оваа фаза АДА обезбедува првични информации и податоци за потенцијалните и постоечките инвеститори, а крајната цел на разговорот со АДА е да ги поврзе инвеститорите и граѓаните со вработените административни службеници, од соодветната институција, со цел заокружување на процесот преку потпишување на договори за финансиска поддршка за инвестиции или апликација на некој од повиците на ФИТР.

„АДА за граѓаните на едно место ги сумира сите потребни информации и ги води во процесот додека да го најдат она што вистински одговара на нивните потреби, од удобноста на нивниот дом или работно место, а друга страна ги унапредува работните места, процесите и ефективноста и продуктивноста на вработените во јавниот сектор. АДА е промената која ни е потребна и за која постојано зборуваме, на дело!“, напиша вицепремиерот Битиќи во објавата.

АДА е првиот дигитален асистент во јавниот сектор базиран на вештачка интелигенција, преку којшто компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во земјава и државната помош што се нуди, со што, Македонија станува дел од глобалните дигитални светски трендови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ