четврток, 21 ноември 2024

Во Помпеја пронајдени 13 статуетки со мотиви на човеково раѓање

Во урнатините на Помпеја пронајдени се 13 статуетки со мотиви од човеково раѓање, што според стручњаците дава дополнителни податоци и нов подробен увид на паганските обреди, обичаи и култура во овој древноримски град во јужна Италија.

Објавено на

часот

Сподели

Теракотните скулптури се пронајдени во исправена положба на нешто налик полица во ходникот на тн. „Куќа на Леда и лебедот“, именувана по живописната фреска којашто отсликува хеленски мит, пронајдена во една од просториите во ова древно здание во 2019 година. Според археолозите, во Помпеја – градот што бил избришан од мапата по ерупцијата на вулканот Везув во 79. година од нашата ера, овие човеколики фигури биле користени како дел од претхристијански обред, со оглед на начинот на којшто се подредени.

Некои од примероците, се чини, ѝ оддаваат почит на древната божица Кибела и нејзината трагична љубов – Атис. А пак, други скулптури прикажуваат глава на петел, бадем, орев, шишарка… Во ходникот каде што биле пронајдени имало и украси на ѕидовите.

Во тоа наоѓалиште, сега се вршат ископувања и реставраторски работи. Се верува дека куќата му припаѓала на богат трговец кој сакал да го одрази своето високо ниво на култура украсувајќи го својот дом со фрески инспирирани од митовите.

Урнатините на Помпеја биле откриени во 16. век и продолжуваат да даваат нови погледи и податоци во животот во овој град од Римската Империја. На почетокот на овој месец, во наоѓалиштето „Регио IX“ откриена е пекарница каде што работеле робови под клуч. Во една од собите на пекарницата имало останки на три жртви на Везув.

Во јуни, впечатлива фреска од мртва природа налик на пица беше пронајдена на ѕидот на ходникот, како што се верува – на друга пекарница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ