Како да има некоја стратегија да се разнебити овој крај, незадоволни се мештаните од околните села на Мавровското Езеро. Тие и за оваа одлука на Министерството за земјоделство веќе испратија реакција до надлежните власти и се надеваат дека новата власт нема да дозволува носење на вакви решенија без консултации со месните заедници. Истото го направија и за обидот на Советот на Општина Маврово Ростуше да донесе одлука за парцелизација на државното земјиште околу езерото на парцели од по 300-400 квадратни метри за станбени објекти.
Според информацијата на Министерството за земјоделство се работи за издавање на земјоделското земјиште во државна сопственост под закуп за подигање долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии, за период до 30 години, подигање долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање маслинарници за период до 50 години, одгледување други земјоделски култури и за поставување пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за одгледување брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште на над 700 метри надморска висина за периодот до 30 години и рибници до 20 години.
Жителите на Никифорово поим немаат за кој дел од атарот на нивното село се работи и се надеваат дека сепак некој од државата ќе ги праша и ќе се консултира со нив. Тие велат дека дел од тоа државно земјиште сè уште е предмет на спор на приватни лица за денационализација.
А.Д.