вторник, 22 октомври 2024

Во Мадрид голем протест против амнестијата за организаторите на референдумот во Каталонија (ВИДЕО)

Откако социјалистичкиот шпански премиер Педро Санчез најави амнестија за организаторите на референдумот за независност на Каталонија во 2017 година, десетици илјади демонстранти се собраа вчера во Мадрид на повик од десницата, сметајќи дека помилувањето може да доведе до нов обид за отцепување на покраината.

Објавено на

часот

Сподели

„Се собравме овде поради ударот што се подготвува од Монклоа (седиштето на шпанската влада). Нашата татковина е во опасност“, изјави пред насобраните Сантијаго Абаскал, лидер на десничарската партија Вокс. „Санчез е голем предавник на татковината. За да остане на власт нуди амнестија на други политичари“, додаде тој.

Според регионалната влада, на плоштадот Колумбо во Мадрид се собрале околу 100.000 демонстранти. Фондацијата за национална одбрана на Шпанија (ДЕНАЕС), која го организираше протестот, соопшти дека се собрале 200.000 луѓе. Протестот дојде еден ден откако Санчез, кој се надева на нов четиригодишен мандат, најави амнестија.

„Во името на Шпанија, во интерес на Шпанија и во одбрана на соживотот меѓу Шпанците, денеска ја бранам амнестијата во Каталонија поврзана со минатите настани“, рече Санчез на конгресот на својата Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ). „Потребно е да се покаже доблест. Тоа е единствениот можен начин да постои влада во Шпанија и да не се повторат изборите“, додаде тој.

ПСОЕ, по парламентарните избори одржани пред три месеци, минатата недела договори левичарска коалициска влада со малцинската Сумар. Но, за да има мнозинство од 176 пратеници во 350-члениот парламент и со тоа да формира влада, потребна му е поддршка од партиите на Каталонија и Баскија.

Партиите на Каталонската републиканска левица (ЕРЦ) и Заедно за Каталонија (ЈхКат) побараа воведување закон за амнестија со кој може да бидат опфатени околу 1.400 лица кои го организираа референдумот пред шест години.

Меѓу нив е и Карлс Пучдемон, поранешниот каталонски премиер кој е во егзил во Белгија. Него судот во Мадрид го бара поради прогласувањето на Република Каталонија, што не беше спроведено поради интервенцијата на тогашната конзервативна шпанска влада.

„Амнестијата е начин за повторно обединување на Каталонците и другите Шпанци. Тоа дефинитивно ќе придонесе за нормализирање на политиката во Каталонија“, оцени Санчез.

Околу 57 отсто од жителите на Шпанија се против амнестија, додека 43 отсто ја поддржуваат, според анкетата на шпанската телевизија Ла Секста, објавена на почетокот на октомври.

Во септември, пак, анкета на јавното мислење спроведе Метроскопија според која 70 отсто од граѓаните не поддржуваат амнестија, вклучително и 57 отсто од оние кои гласале за ПСОЕ во јули. Каталонските партии кои заговараат независност побараа нов, договорен референдум, а Санчез претходно изјави дека не може да се согласи на него бидејќи не е во согласност со шпанскиот устав.

Доколку Санчез не успее да добие доволно поддршка во парламентот следниот месец за да формира влада, Шпанците ќе одржат нови избори во јануари. Шпанија ќе претседава со Европската унија до крајот на годината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ