петок, 19 јули 2024

Во Кипар познат „јутјубер“ стана европратеник

Моите први 48 часа во Европскиот Парламент. Што има, како е, ми се допаѓа? Сè ќе ви објаснам, го почнува видеото на социјалните мрежи 24-годишниот Фидиас Панајоту, популарен јутјубер, а сега веќе европратеник од Република Кипар, кој преку видеа континуирано ги информира неговите следбеници на социјалните мрежи за новиот почеток и новото искуство, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Првото видео објавено завчера е пред да влезе во авионот за Брисел, по што следат уште неколку, меѓу кои и едно од пред зградата на Европскиот Парламент.

„Денеска ми е прв ден како европратеник во Европскиот Парламент. Ајде заедно да влеземе внатре“, вели Фидиас во едно од видеата објавено вчера.

Во ходникот го бара кипарското знаме, а во продолжение објаснува дека има за цел првично да сфати како функционира ЕП.

„Ајде да ви покажам нешто ‘кул’. Ова е првпат што влегувам во Европскиот парламент. Тука ќе гласаме ‘за’ и ‘против’“, објаснува додека е во салата за седници.

Претпладнево пак, повторно преку видео на социјалните мрежи ги пренесе неговите впечатоци, коментирајќи дека е многу среќен, бидејќи е нешто ново за него и учи нови работи и од таа причина постојано има состаноци.

„Кипар е веќе 20 години во Европа и не знаеме што правиме за Кипар, како функционира, што прават европратениците и чувствувам дека е многу важно да знаеме. Затоа сум многу среќен. За следните денови имам две цели. Едната е да почнам да вработувам добар тим што ќе биде со мене и второто е да одлучам дали ќе влезам во некоја политичка група или ќе бидам ‘независен’“, рече Фидиас и им вети на следбениците дека во следните денови детално ќе ги информира.

На европските избори во Република Кипар на 9 јуни, 24-годишен јутјубер, инфлуенсер, тик-токер и слично, познат под името Фидиас особено популарен на Кипар и без никакво искуство во политиката освои 19,4 отсто од гласовите, беше на третата позиција со што обезбеди место во Европскиот Парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ