сабота, 19 октомври 2024

Во Кенија започнаа преговорите меѓу владата и опозицијата по крвавите протести

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на опозицијата Раила Одинга организираше десет протестни собири од март до јули, од кои некои беа обележани со крвави судири со полицијата, но не наидоа на поголем одзив. На нив се бараше проверка на резултатите од изборите одржани во август минатата година, кои на власт го донесоа претседателот Вилијам Руто.

На тие протести загинаа најмалку 20 лица, велат властите, но реалниот број на жртви е многу поголем, според организациите за човекови права и опозицијата, кои ја обвинуваат полицијата за насилство. Зачестија повиците за дијалог меѓу Руто и Одинга, особено од ОН, Секретаријатот на Комонвелтот и главните кениски медиуми.

Преговорите треба да почнат денеска, но сѐ уште не се знае колку ќе траат. Секоја страна назначи по пет претставници. Коалицијата на Азимио Раила Одинга соопшти дека сака да зборува за зголемените животни трошоци и за изборните реформи. Кимани Ичунг’вах, лидерот на парламентарното мнозинство од владејачката партија Кенија Кванза, рече дека економската криза нема да биде на дневен ред на преговорите, и покрај постојаните барања од опозицијата.

„Ќе ги сослушаме за сè, освен за животните трошоци. Претседателот веќе работи на тоа“, рече Ичунг’вах, кој ќе ја предводи владината делегација. Опозицијата рече дека е подготвена за дијалог бидејќи земјата заслужува мир, а не парализа. Одинга изминатиот викенд изјави дека не е заинтересиран за договор за поделба на власта со Руто, заканувајќи се со нови протести доколку не се исполнат барањата на опозицијата.

„Ако не се договориме за 30 дена, Кенијците ќе заземат поинаков став“, рече 78-годишниот опозициски ветеран. Кенија е економскиот двигател на Источна Африка. Но, оваа земја со 54 милиони жители се бори со огромни предизвици. Инфлацијата постојано расте, јавниот долг достигна 65 милијарди евра, што е околу 67 отсто од БДП, а неговата отплата станува се поскапа поради постојаниот пад на вредноста на локалната валута, шилингот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ