Членот 41.2 од ирскиот устав, кој датира од 1937 година, гласи: „Државата признава дека домаќинката ѝ дава поддршка на државата без која не може да се постигне општото добро. Според тоа, државата ќе настојува да обезбеди мајките да немаат економска потреба да се вработат, при што би ги занемариле своите обврски дома“.
Владата вели дека ваквата формулација во уставот е сексистичка и застарена и треба да се отстрани. Предлага да се замени со следниов текст: „Државата признава дека грижата за членовите на семејството обезбедува поддршка за општеството, без која не може да се постигне општото добро, и ќе настојува да ја поддржи таквата активност“.
Националниот совет на жени, кој води кампања за промена на уставот, наведува дека „сексистичкиот, стереотипен јазик нема место во уставот и дека претставува време кога жените биле третирани како граѓани од втор ред“.
Оние кои се против промената сметаат дека Уставот не тврди дека на жената ѝ е местото во домот, туку нуди признание за домашните работи. „Уставот вели дека работата што ја вршат жените дома е фантастична“, изјави за Скај њуз адвокатката Бренда Пауер.
„Ниту една жена не треба да биде принудена да работи надвор од домот ако повеќе сака да остане дома со децата. Минатата недела беше спроведена анкета во која 70% од жените кои моментално работат надвор од домот рекоа дека би останале дома доколку ја имаат таа опција“, додаде таа.