сабота, 20 јули 2024

Во Грција измислиле наезда на стеници за да се ослободат од туристи

Министерството за здравство на Грција побара помош од полицијата против измамниците кои се обиделе да исплашат странски туристи и да ги натераат да ги напуштат изнајмените станови во Атина со измислување на наезда на стеници. Во соопштението на министерството се наведува дека плакатите залепени пред станбените згради во центарот на градот, украсени со лажни логоа на министерството и на општината Атина, се „апсолутно лажни“.

Објавено на

часот

Сподели

Постерите, адресирани до „драги посетители“ на погрешно напишан англиски, тврдат дека здравствените власти наредиле евакуација на локалните „приватни пансиони за да го заштитат јавното здравје на постојаните грчки жители“. Повикувајќи се на непостоечка наезда на стеници, тие им се закануваат на посетителите со казна од 500 евра доколку не го напуштат сместувањето и учтиво им посакале пријатен престој во Грција.

Покрај кризата со животните трошоци, Атина и други делови на Грција се соочуваат и со станбени проблеми, кои главно се предизвикани од зголемувањето на бројот на станови за краткорочно изнајмување, најмногу наменети за странски посетители. Ова поттикна пораст на долгорочни трошоци за изнајмување за Грците, од кои многумина биле принудени да ги напуштат станбените области во центарот на Атина, пишува Гардијан.

Вредноста на недвижностите исто така расте, делумно поради програмата „златна виза“ која им нуди престој на странските инвеститори во недвижности. Туризмот е водечки двигател на грчката економија, чини една петтина од нејзиното годишно производство, а оваа година се очекува да биде рекордна во однос на пристигнувања.

Министерството за здравство соопшти дека побарало од полицијата да направи сѐ што е потребно за да се справи со измамата. Во него се вели дека „никому не му е дозволено да ја тероризира и дезинформира јавноста“ со проблеми од јавното здравје. Грција нема забележано поголеми проблеми со крвопијците кои неодамна предизвикаа непријатности во Франција.

Стениците, кои во голема мера исчезнаа од секојдневниот живот до 1950-тите, повторно се појавија во последните децении и станаа сè поотпорни на хемиски третмани. Можат да бидат присутни во душеците, но и во облеката и багажот, а излегуваат навечер да се хранат со човечка крв.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ