сабота, 13 јули 2024

Во Газа стапи на сила четиридневно примирје меѓу Израел и Хамас

Објавено на

часот

Сподели

Катар, заедно со Египет и САД, посредуваа за договор за примирје врз основа на кој 50 заложници држени во Газа ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во Израел.

Примирјето првично требаше да стапи на сила во среда, но беше одложено за денеска во 7 часот наутро, по локално време. Првото ослободување на заложниците, 13 жени и деца, се очекува околу 16 часот.

Два часа пред почетокот на примирјето, официјален претставник на палестинското Министерство за здравство во Газа, Мунир ал Бурш, за агенцијата Франс прес изјави дека израелските војници влегле во индонезиска болница во која сѐ уште се лекуваат 200 пациенти.

Израелската војска не ја коментираше ситуацијата во таа болница, но наведе дека во заедница во близина на границата со Газа се огласиле сирени за ракетна узбуна.

Хамас потврди „целосен прекин на воената активност“ за четири дена кога ќе бидат ослободени 50 заложници во замена за ослободување на 150 затвореници, по тројца палестински затвореници за секој ослободен заложник.

Египетски безбедносен извор за АФП изјави дека египетска безбедносна делегација ќе биде во Ерусалим и Рамала за време на ослободувањето на палестинските затвореници.

Израелските власти, придружувани од претставници на Црвениот крст и египетски претставници, на граничниот премин Рафа ќе ги примат заложниците ослободени од Газа, кои потоа од аеродромот Ел-Ариш ќе пристигнат во Израел.

Извор близок до Хамас, кој владее во Газа, рече дека новинари нема да присуствуваат на ослободувањето на заложниците. Израелските власти во средата го примија списокот на заложници и ги известија нивните семејства.

Израел објави список од вкупно 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени во замена за заложниците, меѓу кои 33 жени и 267 помлади од 19 години. Меѓу нив има 49 членови на Хамас.

Меѓународната заедница го поздрави договорот за прекин на огнот како прв чекор кон можен подолг прекин на огнот.

Во Израел, владата и војската најавија дека борбите ќе продолжат со цел елиминирање на Хамас на крајот на примирјето, кое може да се обнови сѐ додека не бидат ослободени сите заложници.

„Не ја запираме војната, ќе продолжиме до победа“, изјави началникот на израелскиот Генералштаб, генерал Херци Халеви.

Воениот портпарол Даниел Хагари изјави дека преземањето контрола врз северниот дел на Појасот Газа е првиот чекор во долгата војна и дека Израел се подготвува за нови фази.

Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур рече дека примирјето не може да се гледа само како пауза и повика да се искористи за да се спречи обновување на конфликтот.

Војната беше предизвикана од ненадејни напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Повеќе од 1.200 луѓе беа убиени, а околу 240 беа киднапирани и однесени во Газа.

Израел потоа се закани дека ќе го уништи Хамас и непрекинато го бомбардираше Појасот Газа, а потоа започна копнена офанзива во која загинаа повеќе од 14.800 Палестинци, меѓу кои повеќе од 6.000 деца, според владата на Хамас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ