вторник, 22 октомври 2024

Во Франција, левицата и десниот центар ги повлекуваат кандидатите за да го спречат изборниот триумф на крајната десница

Во Франција, по историскиот успех на крајната десница во првиот круг од предвремените парламентарни избори, сѐ повеќе кандидати од левицата и десниот центар денеска се повлекуваат од продолжението на изборната трка, за да се избегне ултрадесниот Национален собир да добие апсолутно мнозинство во вториот круг в недела.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Третопласираните кандидати што сѐ уште се во трката можат да се повлечат до утре во 16 часот во корист на подобро пласираните кандидати од политичката конкуренција, со цел заеднички да ја спречат победата на екстремната десница, и создавањето на првата власт на таквата десница во Франција по Втората светска војна.

Според сегашните податоци на АФП, денеска од парламентарната трка се повлекле околу сто кандидати што влегоа во вториот круг од изборите, а тие главно припаѓаат на левичарскиот Нов народен фронт или таборот на претседателот Емануел Макрон.

За да може самостојно да формира влада, Национален собир на Марин Лепен треба да го освои мнозинството од вкупно 577 места во францускиот парламент, односно да има 289 пратеници.

Пред три недели, претседателот Емануел Макрон предизвика своевиден политички земјотрес со распуштање на Собранието и закажување вонредни парламентарни избори, поттикнат од многу лошите резултати на неговата партија и успехот на Национален собир на изборите за Европскиот парламент.

Во првиот круг од гласањето на мошне комплицираните избори за Собранието, Национален собир освои рекордни 33,1 отсто од гласовите, Нов народен фронт 27,99 отсто од гласовите, а центристите на претседателот, според АФП, беа разбиени, бидејќи од релативно мнозинство спаднаа на 20 отсто гласови.

Триесет и девет претставници на крајната десница, почнувајќи од нејзината лидерка Марин Лепен, веќе беа избрани во првиот круг во неделата. Нов народен фронт има 32 пратеници избрани во првиот круг.

Резултатот предизвика загриженост кај главните европски партнери на Франција.

„Никој не може да остане рамнодушен (…) ако кај нашиот многу близок партнер и најдобар пријател голема предност има партијата што ја гледа Европа како проблем, а не како решение“, изјави вчера шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.

Полскиот премиер Доналд Туск вчера изјави дека се навестува „голема опасност“ за Франција и Европа.

Но некои други се задоволни, како лидерката на италијанската екстремна десница Џорџа Мелони, која е воодушевена што „демонизацијата на десницата повеќе не функционира“.

Додека во Франција традиционалниот „републикански фронт“ против екстремната десница изгледа помалку организиран отколку во минатото, левиот сојуз, формиран само за да ја спречи партијата на Марин Лепен да дојде на власт, ја осудува „какофонијата“ во центристичкиот табор околу Емануел Макрон.

„Имаме седум дена да ја спасиме Франција од катастрофа, изјави денеска социјалдемократскиот пратеник во Европскиот парламент Рафаел Глуксман, повикувајќи ги сите третопласирани кандидати да се повлечат од борбата во вториот круг, за да не се разводнуваат гласовите на оние што се против екстремната десница.

Дел од сегашното владејачко мнозинство, сепак, тешко наоѓа заеднички јазик кога станува збор за поддршка на кандидатите на левичарскиот сојуз, одбивен за центристичките гласачи, поради помпезните изјави на нивниот лидер Жан-Лук Меланшон, кој е обвинуван за антисемитизам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ