сабота, 19 октомври 2024

Во 2021 Советот на Град Скопје смени 485 имиња на улици, секој си тераше на своја страна

Објавено на

часот

Сподели

Тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов и неговите сопартијци советници од СДСМ главно беа концентрирани на враќање на старите имиња на улиците кои во претходниот мандат беа променети од советниците на ВМРО-ДПМНЕ. За советниците од партиите на Албанците во Македонија ова беше добра можност албански историски личности и настани да добијат свои улици и плоштади.

Така и се случи.

Шилегов тогаш даваше изјави дека за ова преименување се водат дискусии уште од 2019 година и во тие расправи биле вклучени граѓаните, „за разлика од порано кога насилно беа преименувани улици и беше кршена волјата на скопјани“. Градските власти тогаш информираа дека ќе бидат вратени и некои од старите имиња на улиците што беа променети во текот на 2012 година. „Тоа беше спротивно на волјата на граѓаните што живеат на тие улици, па затоа ќе се вратат имињата на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Алјенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихачка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други“, соопшти тогаш Град Скопје.

Она што е интересно е и тоа дека за новите имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје, во согласност со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, предвиден бил Регистар на имиња кој бил дополнет од Советот на Град Скопје со листа од нови 570 имиња, по претходно добиената согласност од Владата.

На промената на имињата тогаш се спротивставија советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои ја напуштија седницата и најавија дека по судски пат ќе ја укинат донесената одлука на градските советници. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека според Законот за именување на улиците, тие не смеат да бидат именувани шест месеци пред избори и една година пред планиран попис на населението.

На скопската листа и во владиниот регистар се и овие предлози: Хасан Приштина, Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Мајка Тереза, Мехмед Али Хоџа, Фахри Фазлиу, Жртвите на Блаце, Фаик Коница, Дервиш Цара, Ѓон Бозуку, Ласгуш Порадеци, Гани Груби, Иса Болетини, Ибрахим Кроси…

и

Во скопската општина Чаир само во последниов период сменети се имињата на неколку улици што  веднаш предизвика бурни реакции.

На 12 јули, улицата 191 стана улица Сул Хотла, член на Бали комбетар. Претходно улицата Лазар Танев беше преименувана во Ушкин Хоти. Лазар Танев бил македонски социјалист, борец за работнички права, стар скопјанец од Пајко Мало. Ушким Хоти животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија).

Името на улицата Благоја Паровиќ, интернационален револуционер и антифашист беше заменета со улица Исмаил Ќемали, првиот премиер на новосоздадената држава Албанија во 1912 година.

Преименувањето на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи предизвика бурни реакции за време не свеченоста за преименувањето.

На списокот за промена на имиња на улици и мостови и плоштади само во Чаир се 66.

До каде е судскиот процес најавен од ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година против преименувањето на улиците не се знае.

Можеби апелот на претседателот на државата Стево Пендаровски до надлежните органи ќе промени нешто.

                                                                                                                                                             А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ