„Неможејќи да се соочат со изборниот пораз во Општина Струмица, со поразот во Банско и слабата поддршка од граѓаните, раководството на СДСМ по поразот се служи со притисоци врз своите членови истовремено со закани и директни напади на активисти на ВМРО-ДПМНЕ. На 3 мај во текот на денот од страна на активист и претседател на СДСМ во Банско, Даме Тренчевски, во маркет, физички и со употреба на сила беше нападнат претседателот на младите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Андонов“, соопшти партијата и додаваат дека за инцидентот веќе биле информирани надлежните органи, а следува и пријава до претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Република Македонија.
„Пред само неколку денови известивме за инциденти, каменување во кампањата на штабови на ВМРО-ДПМНЕ, закани и обиди да се изврши заплашување на сограѓаните. Ги охрабруваме сите наши сограѓани, посебно членовите на СДСМ кои се ослободија и доброволно го напуштат бродот на СДСМ кој тоне да не подлегнуват на заканите и притисоците. Паниката во изборните штабови на СДСМ во Струмица е голема и тешко е да се консолидират редовите. Сепак нашиот апел е да се зачува граѓанското достоинство. Времето на СДСМ заминува и со себе ќе ги однесе насилничките однесувања, криминалот и корупцијата. Веќе е време СДСМ Струмица да почне со внатрешни реформи. А ние, ќе им помогнеме на тој начин што ќе ги натераме да одговарат за своите криминални постапки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ Струмица.